Skip to main content
hRvDlNAvGyA
ПРОФ. Д-Р САШКО КЕДЕВ, КАРДИОЛОГ, ОД УНИВЕРЗИТЕТСКАТА КЛИНИКА ЗА КАРДИОЛОГИЈА ВО СКОПЈЕ

ФЗО не може да исплаќа милионски суми во евра, без да провери зошто е дуплиран или триплиран бројот на операции на срце во последните години

Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) не може да исплаќа милионски суми во евра на годишно ниво, без да провери зошто е дуплиран или триплиран бројот на операции на срце во изминатите години. Цената на чиниење мора да се контролира, вели во интервју за „Република“ кардиологот проф. д-р Сашко Кедев од Универзитетската клиника за кардиологија во Скопје.

Летово, проф. д-р Кедев го отвори скандалот со непотребно упатување и извршување на операции на срце. По ова, министерството за здравство формираше стручна комисија да ги испита овие тврдења и неодамна на прес-конференција беше соопштено дека пристигнале 25 случаи, а Комисијата одлучила шест да бидат препратени во Државнииот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ), бидејќи не биле нивна надлежност. Од останатите 19, кај 10 било утврдено дека се непотребно упатени или непотребно оперирани.

Сметам дека имаме добар развој на настаните, бидејќи ова е еден многу сериозен проблем во македонското здравство. Како ќе заврши не можам лично да гарантирам, бидејќи не зависи од мене. Јас стојам зад се што сум кажал и тоа се потврди од Комисијата. Тоа ми дава надеж, бидејќи Комисијата е составена од луѓе со интегритет и стручен кредибилитет, што е многу важно. Министерот за здравство има голема поддршка од Владата и лично од Премиерот да го расчисти ова. Гледам дека министерот е мотивиран да го заврши на еден објективен начин до конечната цел. А конечната цел е да се прекине со таа пракса. На граѓаните да им гарантираме дека нема да се случи некому да се прави непотребно па и снимање, кое е поврзано со рендгенско зрачење како што е компјутерска томографија која не индицирано кај сите пациенти, посебно во скрининг фазите. Значи непотребни снимања, непотребни стентирања и секако непотребни операции. Јас сум оптимист дека ќе го обезбедиме тоа и дека на граѓаните ќе им ја вратиме добербата во нашиот здравствен систем, вели д-р Кедев.

Тој во интервјуто објаснува дека сегашните трендови во светот се на примарната превенција.

Превенцијата треба да почне од раното детство, децата да се воспитуваат и едуцираат во здрав животен стил на здрава исхрана и редовна физичка активност. Потоа адолцесцентите и возрасните да се едуцираат на здрав животен стил, соодветна исхрана, физичка активност и контрола на евентуални ризични фактори што си доаѓаат со возраста, како што е пушњето што треба да се елиминира, потоа дијабетот, покачениот крвен притисок, зголемиот холестерол. Потоа доаѓаат луѓето кои преживеале срцев или мозочен удар и кај нив треба да продолжи секундарна превенција, бидејќи во моментов имаме многу квалитетни лекови за згрутчување на крвта, револуционерни лекови во третманот на дијабет и на крајот, а тоа е официјлано објавено, да се избегнуваат непотребни интервенции. Треба да бидеме што порестриктивни на инвазивните снимања, бидејќи и инвазивните снимања, непотребни, чести, регрутираат пациенти кај кои треба да се прават непотребни интервенции, смета д-р Кедев.

Министерот за здравство Азир Алиу најави дека имињата на болниците и на лекарите кои непотребно упатувале пациенти на операции на срце ќе бидат јавно објавени, откако во втората фаза заедно со експерти од странство, ќе се анализира работата на сите институции низ земјава кои вршат кардиоваскуларни интервенции.

Легитимно е да се знае кои клиники вршеле непотребни операции на срце. Сите ние во здравството треба да работиме на тоа да ја зголемиме довербата кај пациентите и пациенетите да се сигурни кога ќе дојдат кај нас дека ќе ја добијат негата и препораките кои се базирани на медицина на докази, смета д-р Кедев.

Според него, во иднина се повеќе ќе има пациенти кај кои ќе нема потреба да се ставаат ниту стентови, ниту балон дилатација, ниту бајпас-хирургија.

Најголем дел ќе останат на оптимален медикаметозен третман. Секогаш ќе има пациенти и за операција и за стентирање, но најголем дел ќе бидат третирани со лекови. Светска тенденција е да се намалува степенот на инвазивноста. Што ќе се прави треба да одлучи хард тим или тим на доктори составен од интервентен кардиолог, може да има имиџинг кардилог кој повеќе ги владее имиџинг техники, анестезиолог и кардиоваскуларен хирург. Тој тим треба да одлучи што е најдобро за тој конкретен пациент, вели д-р Кедев.

На прашањето дали смета дека постои системски проблем во начинот на кој приватните здравствени установи ги препорачуваат или одобруваат операциите, Кедев смета дека мора да има контрола на процесот и тоа специјализирана.

Вакви контроли може да прават само интервентен кардиолог и кардиогирург. Тие може да оценат што е правено или не правено и дали требало или не требало да се прави. Тоа значи дека ФЗО мора да ангажира, по свој избор, ваква категорија на конторла. ФЗО не може да кажува дека е надлежен Државно-санитарен здравствен инспекторат (ДСЗИ). Таму има доктори кои не се специјализирани за овие работи, не се комптентни да евалуираат дали требало или не требало да се прави операција. Тие може административно да проверуваат, дали има упати, дали има осугурување. Тие аспекти може да ги контролираат, додава д-р Кедев.

Таму каде што има профит, нема добро здравство, смета д-р Кедев и во интервју за „Република“ вели дека пациентите треба да имаат доверба во својот доктор. Тоа е исклучително важно. Пациентите треба да знаат дека суштината е во превенцијата.

Најголемиот бенефит од нашите интервенции во интервентната кардиологија е кај акутни пациенти, тие што имаат пред инфаркт или инфакрт. Секојдневно се соочувам со пациенти, ризчини, кои не сакаат да инвестираат во сопствената превенција, не сакаат да се откажат од пушење цигари, не сакаат да ослабнат, не сакаат да го намалат внесот на сол, а спремни се да легнат, да се направи интервенција, да добијат стент или да одат на бајпас. Суштината, апелирам да биде на здравиот животен стил, вели д-р Кедев.

Начелно, многу често ги обесхрабрувам пациентите да не одат на непотребни интервенции. Но, им се отвора дилема. Посебно, кога го отворивме овој процес, почнаа да доаѓаат на второ мислење. Апелирам, ако пациентот му се сугерира, од релативно стабилна состојба да оди на драматични и инвазивни процедури или да оди одма на операција, да не брза ако е во стабилна состјба. Ако е во актутна, сигурно дека треба да оди. Ако е во стабилна, секој да си побара второ мислење, додава проиф. д-р Кедев.

На прашањето каква улога треба да има државата или независните тела во надзодор на квалитетот и оправданоста на интервенциите во приватниот здравствен сектор Кедев вели дека, според него, многу е важно на национално ниво да има контрола. Таа контрола треба да ја прави некое тело кое ќе биде на некој начин заштитник на државниот интерес. На пример, ФЗО мора да има такво тело.

Разговараше: Александра М. Бундалевска

видео и монтажа: Александар Арсовски

Поврзани вести