Skip to main content

Филипче: ВМРО-ДПМНЕ изгуби околу 120.000 гласа, затоа посегаат по инструменти коишто сериозно можат да го загрозат изборниот процес

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во изјава за Телма, посочи дека власта свесно ги отвора вратите за изборни неправилности, бидејќи ВМРО-ДПМНЕ губи голем број гласови.

Сметам дека тоа е намерно. Сметам дека во услови кога е сѐ поочигледно и повеќе извори, повеќе анкети, повеќе анализи ни покажуваат дека ВМРО-ДПМНЕ губи огромен број на гласови, над 100 илјади, некаде околу 120 илјади гласови, посегаат по инструменти коишто сериозно можат да го загрозат изборниот процес, аспектот на демократијата во целокупниот процес“, рече Филипче.

Според него, изјавата на премиерот Христијан Мицкоски според која и година дена по формирањето на новата влада за главни виновници во државата се посочуваат СДСМ и ДУИ ја покажува целата неспособност на владата. 

Ја слушнав изјавата на премиерот и жалам што слушнав таква изјава. Сметам дека е тоа резултат на една целосна неспособност и немање капацитет да се менаџира и да се води држава“, вели Филипче. 

Иако пред повеќе месеци Уставниот суд ја донесе одлуката и го укина делот од Изборниот законик за процентот на потребни потписи за да се кандидираат независните листи, власта чекаше до последниот момент и даде предлог-закон откако изборите беа распишани. Необезбедувањето на партнерите од ВЛЕН да ги поддржат измените на Изборниот законик, пак, според Филипче е целосна одговорност на премиерот и коалицијата. 

Сметам дека целосно одговорен за оваа работа е премиерот и владеачката коалиција. За жал отвораат можност да се злоупотребат изборите и тоа да им оди во нивна корист, да ловат во матно, поради тоа што очигледно е дека губат огромен број на гласови“, изјави Филипче.

Претседателот Филипче најави дека тој и СДСМ будно ќе ги следат сите тактики и инструменти со кои се служи власта, а кои сериозно можат да го загрозат демократскиот изборен процес и соодветно ќе реагираат на злоупотреби.

Поврзани вести