
По денешната претпладневна посета на амбасадорот на Република Албанија, Денион Меидани, Бигорската Света Обител попладнево повторно беше удостоена со значајна чест: во нејзините благословени дворови пристигна и неговата екселенција Михалис Рокас, амбасадор на Европската Унија во земјава, објави Бигорски манастир.
Во духот на монашката гостољубивост, тој беше срдечно пречекан од Старецот на Обителта, Преосвештениот Епископ Антаниски г. Партениј. Во пријателски разговор, Старецот го запозна својот висок гостин со духовната, културната и социјалната мисија на манастирот, споделувајќи размисли и за актуелни предизвици со кои се соочува современиот човек, како и за мисијата на Црквата во денешниот свет, стои во објавата.
Се додава дека срдечната и искрена средба поминала во атмосфера на меѓусебно разбирање, почит и добра волја, со надеж дека светлината на духовната традиција ќе продолжи да биде мост на поврзување меѓу народите и културите.