Skip to main content

Едниот нè нарече Срби, другиот криминалци: Навредливи и провокативни се изјавите на Демерџиев и Радуков за Ива Михајлова, реагира МНР

Во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија денеска бил повикан претставник на Амбасадата на Република Бугарија, кој во отсуство на амбасадорот Желјазко Радуков ја извршува функцијата вршител на работи.

На средбата, како што соопшти МНРиНТ, било изразено незадоволство од неодамнешната изјава на министерот за внатрешни работи на Република Бугарија, Иван Демерџиев, во врска со случајот со Ива Михајлова, која беше оценета како навредлива и провокативна.

Од МНРиНТ изразуваат незадоволство и од изјавата на амбасадорот Радуков за бугарската телевизија БТВ, оценувајќи ја како директно мешање во внатрешните работи на нашата држава, имајќи ги предвид изнесените квалификации во однос на работата на надлежните институции.

Од наша страна беше посебно нагласено дека ваквите провокации го оддалечуваат билатералниот дијалог од рамката во која треба да се развиваат добрососедските односи – врз основа на меѓусебно почитување, воздржаност и конструктивна комуникација, се наведува во соопштението од Министерството.

Во тој контекст, било укажано дека ваквото однесување може да наметне потреба од соодветна институционална реакција согласно со одредбите на Виенската конвенција за дипломатски односи, која јасно ги утврдува рамките на дипломатското дејствување и принципот на немешање во внатрешните работи на државата на прием.

На крајот од средбата уште еднаш беше нагласена нашата посветеност на развојот на добрососедските односи, засновани на меѓусебно почитување, доверба и европски принципи, при што истата посветеност и одговорност ја очекуваме и од бугарската страна – се наведува во соопштението од МНРиНТ.

Зборувајќи за случајот во интервју/поткаст, Иван Демерџиев потврди дека Бугарија го примила барањето за екстрадиција од македонските власти, но нагласи дека Софија нема намера да ја екстрадира Михајлова. Говорејќи за случајот, Демерџиев изјави дека бугарската полиција нема да ја предаде Михајлова на „српските власти“, реферирајќи директно на македонските државни органи.

Одговорот е негативен – ниту ја бараме, ниту ќе ја предадеме на српските власти, рече тој, по што новинарот Карбовски го праша дали е тоа лапсус, на што тој одговори дека погрешил, но дека тоа „не е чак толку голема грешка“.

Бугарскиот амбасадор во Македонија, Желјазко Радуков, пак, даде изјави кои дополнително ги заострија дипломатските односи, а македонското МНР ги оцени како директно мешање во внатрешните работи на државата. Радуков во интервју за бугарската телевизија bTV изјави дека „би бил исклучително изненаден доколку македонските власти не знаеле за заминувањето на Ива Михајлова“. Тој отворено се запраша како е можно таа да ја напушти земјата без нивно знаење или без некаква усогласеност, со оглед на активните судски ограничувања, одземените патни исправи и полициските мерки.

Поврзани вести