
Судија на претходна постапка од Основниот суд во Кочани одреди куќен притвор за две лица – даночни контролори од Службата за даночна контрола при Регионалниот даночен инспекторат во Штип.
За уште шест лица, опфатени во истрагата, се изречени мерки на претпазливост, а за едно лице и дополнителна мерка на претпазливост, соопшти претседателот на судот, Спиро Борисов.
Одлуката следи откако Основното јавно обвинителство Кочани отвори постапка против вкупно 11 лица за коруптивни кривични дела поврзани со работата на клубот „Пулс“.
Според Обвинителството, двајцата даночни контролори кои се во куќен притвор ја злоупотребиле службената положба, користејќи го пристапот до податоци за ненајавени контроли кај даночни обврзници. Тие наводно му откривале информации и го предупредувале одговорното лице на клубот „Пулс“, со што му овозможувале да избегне инспекциски надзор.
„Лицата се осомничени за примање поткуп по член 357 од Кривичниот законик, додека одговорното лице – син на реалниот сопственик на клубот – е осомничен за давање поткуп по член 358“, наведува ОЈО-Кочани.
За првите двајца бил предложен притвор, а за третото лице се бара проширување на веќе определените мерки во предметот за пожарот во „Пулс“ со дополнителна забрана за контакти со новоосомничените.
Обвинителството утврдило и дека шестмина даночни инспектори и управници од регионалните дирекции на УЈП во Штип и Струмица им овозможувале на правните субјекти „ММММ кафе“ и „Пулс“ да избегнуваат даночни контроли и да работат без соодветна фискализација. Тие се осомничени за злоупотреба на службената положба и овластување по член 353 од Кривичниот законик, а за сите се предложени мерки на претпазливост.
Сопственикот на „Пулс“, кој веќе се наоѓа во притвор во друг предмет, е осомничен за фалсификување исправа по член 378. Тој, според Обвинителството, подолг период при инспекциски контроли приложувал преправени фискални апарати и извештаи со невистинити податоци, со цел да избегне парични глоби и затворање на објектот.
Во истрагата е опфатена и инспекторка од Државниот пазарен инспекторат, која веќе има мерки на претпазливост во претходната постапка. Против неа се обезбедени нови докази за кривично дело оддавање службена тајна по член 360, поради откривање информации за ненајавени контроли.

Македонски








