Skip to main content

ДУИ реагира: Верски обред врз полициски возила е кршење на уставниот принцип на секуларност

Демократска унија за интеграција (ДУИ) изрази сериозна загриженост и остро реагираше на објавените фотографии од Министерството за внатрешни работи, на кои се гледа извршување верски обред врз официјални полициски возила, во рамки на полицискиот двор.

Од партијата посочуваат дека ваквото постапување не може да се оправда со повикување на традиција, туку претставува директно кршење на уставниот принцип на секуларна држава. Според ДУИ, верскиот обред не бил извршен во приватен или верски објект, туку во рамки на институција задолжена за јавна безбедност, користејќи државни средства.

„Ова е целосно неприфатливо за држава која, според Уставот, е секуларна и која функционира во мултиетничка и мултиконфесионална реалност“, се наведува во соопштението.

ДУИ нагласува дека полицијата на Република Македонија е државна институција која мора подеднакво да им служи на сите граѓани, без разлика на нивната етничка или верска припадност, и не смее да создава впечаток дека постои доминантна или официјална вера во рамките на државните институции.

Според партијата, користењето државни простории и службени возила за ритуали на една конфесија испраќа опасна и исклучувачка порака кон останатите заедници, создавајќи перцепција дека институциите се идентификуваат со една религија.

„Ова не е симболика, туку институционализација на религијата и директно кршење на Уставот“, оценуваат од ДУИ.

Особено навредливо, како што се наведува, е тоа што полициските возила се набавени со средства од сите даночни обврзници и ќе ги користат припадници на полицијата од различни вероисповеди.

„Никој нема право да ги обележува државните институции со симболика на само една вера“, се истакнува во реакцијата.

„Државата се чува со закон и Устав, а не со света вода. Секуларната држава не функционира со традиции, туку со еднаквост и институционална неутралност“, порачуваат од партијата.

Во тој контекст, ДУИ бара:

итно и јавно појаснување кој го овластил овој чин, врз која законска основа и со каква цел;

институционална одговорност за секој функционер кој дозволил или не спречил користење државни простории и средства за верски ритуали.

Партијата упати и порака до коалицијата ВЛЕН/ВРЕДИ, оценувајќи дека наместо реакции преку социјални мрежи и медиуми, потребни се конкретни институционални дејствија за спречување дискриминаторски практики.

„Кога нарушувањето на етничката и верската еднаквост останува без реална институционална реакција, тоа претставува тивко прифаќање на состојбата“, се наведува.

ДУИ нагласува дека ја почитува слободата на вероисповест и верското изразување на секој поединец, но потенцира дека таа слобода не значи узурпација на државните институции.

„Полицијата мора да им припаѓа на сите граѓани, а не на една етничка заедница или една вера“, се вели во соопштението.

Од партијата додаваат дека ќе го следат случајот до крај и ќе инсистираат на целосна транспарентност и конкретни мерки, со цел вакви ситуации да не се повторуваат во иднина.

Поврзани вести