Skip to main content

Другарка на девојката што загина пред 10 години: Тогаш напишав – да не дозволиме да згасне уште еден младешки здив на таа проклета Партизанска, да не дозволиме да има следна Фросина, Дозволивме!

Денес, кога прочитав дека повторно на истата улица, кај Универзална, згаснал млад живот, а девојката се вика Фросина, ја почувствував истата болка како дента кога јас ја изгубив мојата Фросина (19), а болката која ја доживеав тој 3 април 2015, денес е исто толку голема“ – пишува Исидора од Крива Паланка, чија најдобра другарка беше прегазена на истото место.

Исидора Јакимовска е млада девојка од Крива Паланка, која пред 10 години, во 2015-та, на улицата „Партизанска“ кај Универзална, ја загуби својата најдобра другарка, Фросина Цековска (19).

Фросина тогаш беше прегазена од возач под дејство на алкохол, кој ја удрил девојката додека поминувала на пешачки премин.

Денес, кога прочитав дека повторно на истата улица, кај Универзална, згаснал млад живот, а девојката се вика Фросина, ја почувствував истата болка која ја чувствував дента кога јас ја изгубив мојата Фросина, почувствував како повторно да изгубив некој толку близок, а болката која ја доживеав тој 3 април 2015, денес е исто толку голема.

Еднаш поодамна напишав: ‘Да не дозволиме да згасне уште еден младешки здив на таа проклета Партизанска, да не дозволиме да има следна Фросина’. Дозволивме!

Прости ни Фросина, не успеавме, не успеавме како луѓе да те спасиме и да не дозволиме повторно да се случи истото – еден млад живот да згасне на еден таков суров начин.

Ние како луѓе, молчејќи пред законот дозволивме повторно да се случи ваква трагедија, повторно да изгубиме еден млад живот, повторно дозволивме некој да ѝ ги земе соништата на една млада девојка, а нејзиното семејство да го остави да тагува целиот свој живот.

До кога ваквите случаи ќе се третираат како сообраќајна несреќа, а не убиство? До кога сторителите ќе поминуваат неказнето? Уште колку Фросини ќе го изгубат животот за да некој разбере дека закон во државава мора да има!

Прости ни и летај Фросина, а летајќи кон небото обиди се да ни простиш, луѓе сме… не знаеме што правиме“ – напиша Исидора.

Поврзани вести