Skip to main content

Димитриеска-Кочоска: Владата ги покрива трошоците за повредените во пожарот во Кочани

Влада

Владата дава максимална поддршка на семејствата на настраданите во пожарот во Кочани. Покрај финансиската поддршка што беше обезбедена преку Буџетот за семејствата коишто имаат свои блиски кои се лекуваат во странство, фокусот е секако на континуирана поддршка во овој процес кој ќе биде долготраен. Ова го порача министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во отворената хуманитарна програма „Канал5 и Македонија за Кочани“.

Владата од првиот ден стои во намерата да помогне. Донесовме одлука со која направивме пренасочување или издвоивме средства за семејствата на оние пациенти коишто се надвор од државата со цел да им помогнеме во овој момент со транспорт и престој. Владата дава максимална поддршка и на Црвениот крст во прибирањето на средствата од донации затоа што требаше да се реагира брзо и процесот да се одвива ефикасно, рече министерката.

Таа потенцира дека сите пациенти се згрижени, дека државата стои зад тоа и дека нема потреба од дополнителни средства од страна на семејствата.

Грижата, додаде, од страна на Владата ќе продолжи и во периодот што следи. Однапред не може да се знае колку средства ќе бидат потребни. Фокусот е да ги вратиме сите повредени коишто се лекуваат во странство назад и секако да го помогнеме Кочани со инвестиции“, истакна министерката.

Таа се осврна на контролите што се спроведуваат и наведе дека оваа трагедија покажа во пракса дека законите кои се напишани треба да се почитуваат.



Поврзани вести