Skip to main content

ДИК отфрли четири приговори и прифати еден за заштита на лично избирачко правo

Државната изборна комисија (ДИК) вечерва на продолжението на 147. седница отфрли четири приговори поднесени од граѓани за заштита на лично избирачко правo, а прифати еден. Отфрлени како неосновани беа приговорите на Аријета Селими од Сарај, на Бесар Селими од Сарај, на Ќеримка Селимовска од Сарај и на Егзон Исмаили од Сарај бидејќи по проверката било утврдено дека сите овие лица се запишани во избирачкиот список. 

Членовите на ДИК едногласно го прифатија приговорот од лицето Хазред Бизари од Струга, кое поднело приговор за заштита на лично избирчко право и лични документи, а по проверката било утврдено дека го нема во избирачкиот список, а исполнува услови. Ова лице утре ќе гласа на избирачко место број 1899 во општина Струга. Претседателот на Државната изборна комисија (ДИК) Борис Кондарко рече дека овие лица на кои ќе им биде прифатен приговор со себе задолжително да го носат решението на избирачко место за да им биде овозможено да гласаат.

Членот на ДИК Ангелчо Ристов апелираше до граѓаните кои сакаат да гласаат утре да се проверат во избирачкиот список јавно достапен на страната на ДИК и во Општинската изборна комисија. Посочи дека голем број од приговорите кои се поднесени за заштита на лично избирачко право се поднесени од граѓани кои веќе се запишани во избирачкиот список и со  вакви дејствија службата, како што рече, непсоредно пред одржувањето на изборите е фокусирана на постапување по приговори од лица кои веќе се запишани во избирачки список. 

Членовите на ДИК на седницата едногласно одобрија уште едно барање за издавање акредитација за набљудување на изборите за еден меѓународен набљудувач од организацијата „Београдски форум за свет рамноправних“. 

Од ДИК потсетија дека сите акредитирани набљудувачи, домашни и сите учесници во постапката се должни да ги носат своите беџови кои ги имаат за лична идентификација и при вршењето на своите функции како набљудувачи задолжително да го почитуваат Кодексот од правилата на набљудување на изборите и изборната постапка, кој го има донесено ДИК.

Членовите на ДИК ја изгласаа и одлуката за доделување авансни средства за вработените во ДИК кои се ангажирани за враќање на доверливиот материјал, тоа се уредите за биометриска идентификација на гласачите. 

Претседателот на ДИК Кондарко информира дека 147. седница ќе биде отворена до утре, кога ќе информираат дали се пристигнати уште приговори за заштита на лично избирачко правo

Поврзани вести