Ковачевски куртули од кривичен прогон, барем засега. Кривичната пријава против него удри во ѕид во обвинителството. И покрај тоа што полицијата имала доволно докази против експремиерот и против ексгенералниот секретар за случајот Лотарија, обвинителството не ги прифати пријавите. Не ги ни одбил, но уште не им бил кренат степенот на сомневање за Ковачевски. Нема што тие да се сомневаат дека на седница на Влада на којашто е донесена криминалната одлука за Лотарија, за што го гонат Груби, веројатно присуствувал и Ковачевски. Не, тоа не е доволно за да се убедат обвинителите. Изгледа треба да го фатат како прима мито на лице место па да се уверат. Всушност и тоа не е доволно. Го памтите видеото едно евро за црквата, едно за Вицето. Значи не може полицијата толку да уапси, колку правосудството може да ослободи. Ковачевски, Груби, нарко картели, терористички келии. Џабе Владата влезе во отворена војна со организираниот криминал и корупција, ако таа војна некој, во случајот правосудството, ја саботира – вели новинарот Коле Чашуле во Седмица+.
Тој посочува дека џабе ќе биде тоа што полицијата, која е дел од извршната власт, си ја заврши својата работа со собирањето докази, акции и апсења, ако некој ги ослободува криминалците.
Судирот на Владата не е со некои ситни џепароши, туку со крупни криминални играчи кои имаат многу ресурси, пари, луѓе и врски. А нашето мекотелно судство е познато по тоа дека е лесно подложно на разноразни непристојни понуди. Понуди или уцени како што беше таа на Груби. Ќе се врател ама да не завршел во Шутка. Да, да, токму тоа му е понудата што Груби преку својот адвокат ја испратил до судот. Според медиумите, вицепремиерот која ја здувал во Косово или Албанија, нели да заврши некои приватни работи, замислете, си имал некој ангажиран адвокат којшто уште првиот ден се појавил пред судиите и ја пренел пораката од неговиот клиент дека бил подготвен да се врати од Косово, но под услов да не заврши во притвор, туку да добие поблага мерка. Која дрскост. Невидено. Ама веројатно тој го знае нашето судство подобро од нас, па затоа може да си дозволи ваква дрскост. Затоа велам, не може полицијата толку многу да уапси, колку што правосудството може да ослободи – додава Чашуле.