
Во денешното издание на емисијата Стадион на радио Канал 77 гостин беше поранешниот градоначалник на Куманово, Зоран Дамјановски Циц. Меѓу другото Дамјановски говореше и за случувањата во 2017 година, кога, како што вели, наспроти барањата на општинските партиски органи во Куманово, не беше кандидиран за градоначалник на општината, што било, како што вели, првиот чин на фракционирање на партијата, а лошата кадровска политика, според Дамјановски, довела до падот на СДСМ, кој бил очигледен уште во 2019 година:
- После 2014 почна да се ствара, да се лобира, да се фракционира таа борба во партијата. Заев беше градоначалник трет мандат, јас трет мандат. Не знам од кои причини, нему познати, јас бев на тапет тој период и се очекуваше да се случи 2017 година, на некој начин, бидејќи во тој период Заев си направи своја гарнитура, видовме таа гарнитура што направи, мене сега не ми е целта да правам ретроспектива на работата на господинот Заев, тоа е познато на македонската јавност, и не фали да додавам некои зачини на сето тоа. Во 2017 година, мимо сите усилби на општинската организација, на СДММ, на Клуб на жените, кои застанаа цврсто за поддршка на мене за четврт мандат, Заев со една тактика негова својствена, успеа да ме исфрли од тој колосек, а ја немав намера да идам независен, да правам штета на партијата. Меѓутоа и после тоа, кога СДСМ беше во најголем подем, со снимките дојде на власт 2016, 2017 влада, 2017 имаше незапамтен успех на локалните избори, педесетина општини и тогаш никој не тагуваше за присуство или отсуство на Зоран Дамјановски. Најголема увреда за мојата позиција во тој период беше што не најде место, време, да седнеме да поразговараме за мојот статус, едноставно на фејсбук у 5 саат сабајле ми соопшти дека не сум кандидат, мимо сите усилби на органите на партијата во Куманово. Од тука почнува и расколот и фракционирањето во СДСМ во тој период. И знаеме дека начинот на водењето на партијата е познат во тој период и заврши многу кратко да првиот мандат како премиер беше две и пол години. Тука почна да се препознава падот на СДСМ на политичката сцена уште во 2019, 2020, од тој принцип на несоодветно ни кадровско, ни политичко делување на таа гарнитура. Јас бев едноставно тргнат на страна, дојдоа други луѓе и епилогот е познат, зошто се случи тоа, мене ден денеска не ми е јасно. Колизија на интереси не сме имале никаква, вели Дамјановски.