Skip to main content

Целосно е реновирано болничкото одделение на Клиниката за урологија

Влада

Универзитетската клиника за урологија денеска ја промовираше новата, целосно реновирана болничка инфраструктура, како дел од широк инвестициски и реформски циклус, кој опфаќа модернизација и унапредување на здравствените услуги, условите за работа и достојни услови за пациентите.

На настанот присуствуваа директорот на Клиниката, хирург – урологот и научен соработник д-р Башким Шабани, претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, министерот за здравство, д-р Азир Алиу и Сашо Клековски, директор на Фондот за здравствено осигурување.

Во изминатите месеци, Клиниката успешно реализираше низа проекти насочени кон подобрување на условите за работа, унапредување на медицинските услуги и подигнување на квалитетот на грижата за пациентите.

Целосно беше реновирано болничкото одделение со вкупна инвестиција од 300 илјади евра. Од оваа сума, 100 илјади евра се обезбедени од фондовската сметка, 100 илјади преку донации, а останатите 100 илјади евра од сопствени средства на Клиниката.

Просториите се целосно трансформирани во современи болнички соби, уредени како апартмани. Секоја соба е опремена со нови болнички кревети, ЛЦД телевизори, нови тоалети, клима-уреди и бактериолошки прочистувачи на воздух. Климатизацијата на целиот простор создаде значително похумани услови за пациентите, особено во текот на летните месеци кога температурите се високи, а болничкиот престој може да биде непријатен.

Она коешто успеавме да го видиме и тоа што го направиле тука директорот заедно со соработниците, е навистина нешто коешто нѐ доближува чекор поблиску до европското здравство, односно условите коишто ги видовме, сето она коешто претставува и апаратура и методологии навистина е нешто коешто е импресивно. Ова се резултатите коишто ги очекуваме. Јас сум убеден дека со истата динамика ќе продолжиме и понатаму. Главен фокус ни е, се разбира, развојот на државата, а во тој фокус значајно место има и здравството, да речам едно од клучните. Огромни средства од Буџетот, рекордни би рекол средства од Буџетот се издвојуваат за здравството, изјави премиерот Мицкоски.

фото: Влада

Мицкоски им честиташе на директорот на Клиниката и на персоналот за се она што е направено на Урологија.

фото: Влада

Уште еднаш да им честитам и да посакам она што се вели, што помалку пациенти, што повеќе здрави луѓе. Но, тие коишто имаат потреба од услугите на оваа клиника да добијат навистина европски услуги, онакви какви што ги заслужуваат. Знам дека ова се можеби мали чекори, но големи во смисла дека години наназад ништо не е направено, но секако чекори коишто нѐ доближуваат да бидеме се поблиску до квалитетот којшто треба да го почувствуваат граѓаните кога ја добиваат здравствената нега, изјави Мицкоски.

Премиерот кажа дека Владата интензивно планира да инвестира во здравството.

фото: Влада

Тука е Клиничката болница во Штип, заедно со Медицинскиот факултет и студентскиот дом во Штип. Тука е болницата во Кичево, заедно со Здравствениот дом. Тука е Клиничката болница и реконструкцијата на Клиничката болница во Тетово, така што, еден поширок зафат, би рекол, во периодот којшто следи ќе бидеме сведоци на такви процеси, изјави Мицкоски.

фото: Клиника за урологија

Особено значаен е и хуманиот гест на вработените од Клиниката, кои се откажаа од субвенциите за службени мобилни телефони, во вредност од 500.000 денари. Наместо тоа, Клиниката со овие средства купи две машини за перење алишта и 18 клима уреди за болничките соби. Овој чин, според раководството е суштинска посветеност за доброто на пациентите.

фото: Клиника за урологија

За нас, овој проект не е само реновирање на болнички ѕидови – ова е реновирање на системот, на вредностите, на односот кон пациентите и професионалноста во здравството. Посветени сме да создадеме Клиника која нуди достоинствен престој, современо лекување и човечка грижа. Благодарен сум на целиот тим што застанавме зад овие промени, со заедничка посветеност. За помалку од една година, Клиниката за урологија стана пример, како со тимска работа и вистински вредности, може да се создаде модерен и ефикасен здравствен систем, достапен тука, дома,“ изјави директорот д-р Башким Шабани, кој заедно со стручниот тим, направија целосна трансформација на институцијата.

Медицинската експертиза на Клиниката значително е зајакната и со воведувањето на три нови хируршки техники.

фото: Клиника за урологија

Во последната година, започнавме да имплантираме артифициелни уринарни сфинктери и да вградуваме пенилни протези – ригидни и семиригидни, а во финална фаза е и имплементацијата на третата, високо специјализирана метода – сакрална неуромодулација“, истакна Шабани.

Со тоа, Клиниката стана сертифициран центар за овие интервенции, кои досега беа достапни само во странство. Денес, овие хируршки процедури, кои се практикуваат во најразвиените медицински центри во светот, успешно се изведуваат и во Скопје.

Покрај новите техники, Клиниката отвори и просторија за полуинтензивно лекување, опремена со монитори за следење на виталните параметри, во која ќе се третираат потешките пациенти.

фото: Клиника за урологија

Човечкиот ресурс останува во фокусот на развојните политики. По направена анализа за потребата од медицински персонал, неодамна беа вработени 22 медицински сестри, болничари и хигиеничарки, кои претходно беа ангажирани со договор на дело. Со тоа, Клиниката ја зајакна кадровската основа и овозможи поквалитетна грижа за пациентите. Паралелно, се подготвува и нова програма за вработување доктори, со цел задржување на стручниот кадар во државата и континуирано подобрување на квалитетот на услугите.

Во следната фаза од развојот, започнува реновирањето на Центарот за трансплантација на бубрези и Центарот за калкулоза. Во план е да се набави нов апарат за третман на камења на уринарниот тракт, а ќе се изгради и нова хируршка сала за ендоскопски интервенции. Целта е централизација на третманот на уринарните камења на едно место, каде пациентите ќе добијат најсовремени решенија, без да се упатуваат на другите клиники. Новиот Центар за трансплантација ќе располага и со просторија за дијализа, што ќе овозможи трансплантираните пациенти да останат во рамки на клиниката, без да се препраќаат до Клиниката за нефрологија.

Поврзани вести