
Членките на здружението Онлајнмедиа одлучија нивните редакции да не ги снимаат и фотографираат погребите в четврток, на загинатите во пожарот во Кочани.
Во овој период на жалост, кога болката од згаснувањето на 59 животи е неизмерна, треба да се почитува приватноста на семејствата, а медиумите да известуваат одговорно и професионално. Бидејќи, загубата на овие млади животи е толку трагична и трогателна и воопшто не се потребни светлата на камери да сведочат за лелекот на скршените души кои ќе се збогуваат со своите чеда за последен пат – велат од Онлајнмедиа.
Редакциите на членките на Онлајнмедиа одлучија да не се снимаат погребите на загинатите не само во Кочани, туку и во сите други градови во земјава. Исто така, членките на Онлајнмедиа нема да објавуваат видео записи и фотографии од погребите ниту од други медумски куќи.
И жителите на Кочани до медиумите упатија апел да не се злоупотребува трагедијата и тагата на луѓето за сензационализам и да се обезбедат достоинствени услови за погребите.
Република е членка на Онлајнмедиа. Редакцијата на Република уште пред одлуката на Онлајнмедиа објави дека нема да известува од погребите на настраданите во Кочани.