Skip to main content
Според последното меѓународно ТИМСС тестирање

Четвртооделенците во Македонија се на 44. место по математичка писменост, а 47-ми по природни науки од 58 рангирани држави

Учениците од четврто одделение се на 44. место по математичка писменост, а 47-ми по природни науки од 58 рангирани држави, покажале резултатите од последното меѓународно ТИМСС тестирање што било спроведено во 2023 година, по петти пат во нашата држава. Тестирањето првпат било спроведено по електронски пат, соопшти Министерството за образование и наука (МОН).

TIMSS (Trends International Mathematics and Science Study) е интернационална студија во која се мерат постигањата на учениците по математика и природна група предмети (природни науки, физика, хемија, биологија), како и факторите кои влијаат на тие постигања.

И оваа меѓународна компаративна студија покажа дека на нашиот воспитно-образовен систем му се потребни крупни промени, за да можат нашите ученици да ги подобрат знаењата. Затоа, делуваме во сите сегменти на образованието, почнувајќи од основното, постепено и со консултација со сите засегнати чинители, велат од МОН.

Најавивме и во се поголем број училишта реализираме продолжен престој во училиште, како можност за повеќе наставни и воннаставни активности, подобро совладување на материјалот, стекнување на нови вештини, развивање на интереси. Преку процесот на оптимизација, градиме ефикасна училишна мрежа која ќе доведе до најдобар успех на учениците со рационално користење на ресурсите. Го реформираме гимназиското образование, го прошируваме концептот на дуално образование и развиваме нови регионални центри за стручно образование и обука. Наставниците продолжуваат со сериозни обуки, затоа што тие се темелот на целиот воспитно-образовен систем.Подобрување на резултатите на државата на меѓународните тестирања ќе дојде само како резултат на реално подобрување на квалитетот на целиот воспитно-образовен систем и на тоа континуирано работиме, се додава во соопштението на МОН.

Во меѓународни рамки, Сингапур го држи првото место и по математичка писменост и по наука.

Поврзани вести