
Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, по завршување на јавната консултација, а со цел појаснување на начинот на примена на одредбите од Изборниот законик, денеска, го донесе Упатството за радиодифузерите за Локалните избори 2025.
Со Упатството се опфатени правилата за лимитите за платеното политичко рекламирање (ППР), означувањето на нарачателот на рекламирањето, распределбатата на времето во вести кај Јавниот радиодифузен сервис, бесплатното политичко претставување на Собранискиот канал и обезбедувањето пристапност на содржините за изборниот процес за лицата со попреченост.
За време на изборната кампања за Локалните избори, во првиот круг на гласање, радиодифузерите може да емитуваат вкупно девет минути и триесет секунди дополнително време за рекламирање на реален час емитувана програма, исклучиво наменети за ППР. Во Упатството е точно утврдена распределбата на овие минути меѓу учесниците во изборниот процес. Во вториот круг на гласање вкупното време за ППР ќе зависи од времето за ППР што го користат подносителите на листи чии кандидати за градоначалници ќе ја продолжат изборната кампања во вториот круг. Притоа распределбата на времето меѓу подносителите на листи ќе биде иста како и во првиот круг од изборната кампања, информираат од АВМУ.
Kако што посочуваат оттаму, за време на првиот круг од изборната кампања за Локалните избори, Собранискиот сервис секој ден ќе обезбеди вкупно три часа за бесплатно политичко претставување на кампањите на политичките партии застапени во Собранието на РСМ, како и вкупно еден час секој ден за бесплатно политичко претставување на кампањите на подносителите на листи кои не се застапени во Собранието. Во вториот круг, во ова време ќе се емитува бесплатното претставување на кандидатите за градоначалници кои ќе ја продолжат изборната кампања во вториот круг.
Јавниот сервис и телевизиите на државно ниво што ќе објавуваат платено политичко рекламирање, треба да емитуваат содржини поврзани со изборниот процес во формат пристапен за лицата со попреченост. Упатството за радиодифузерите за Локалните избори 2025 е достапно на веб страницата www.avmu.mk