Skip to main content

28 македонски државјани се пријавиле да бидат евакуирани од Израел

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски денеска на прес-конференција изјави дека вкупно 28 лица се пријавиле да бидат евакуирани од Израел и оти евакуацијата ќе се врши со владиниот авион. Истакна дека најдоцна до утрешниот ден, осум наши државјани, од кои четири деца, ќе заминат во Египет и со авион на Владата, придружени од безбедносен конвој ќе пристигнат во Скопје.

Веднаш по добиените информации за ескалацијата на состојбата на Блискиот исток, Министерството, преку нашата амбасада во Израел започна активности за евакуација на наши граѓани. Формиран е и кризен штаб за нивно безбедно извлекување. Согласно најновите информации, 28 државјани побарале поддршка за евакуалција. Очекуваме осум наши државјани до крајот на денов или најдоцна утре да се префрлат на безбедна територија. Ќе се организира и безбеден конвој за транспорт кон Египет. Втората група се очекува да го напушти Израел веднаш по воспоставување редовен авионски сообраќај од Тел Авив. Во оваа фаза евакуацијата ќе се реализира со авион кој ќе обезбеди транспорт, рече Муцунски на прес-конференција.

Министерот Муцунски изјави дека околу 100 македонски државјани се наоѓаат на територијата на Израел, од кои досега 28 побарале евакуација за враќање во Македонија.

И премиерот Христијан Мицкоски, претходно изјави дека владиниот авион ќе биде ангажиран во евакуацијата на неколку македонски граѓани во Израел.

Секојдевно сум во комуникација со министерот за надворешни работи и трговија, Тимчо Муцунски и се прави план за евакуација на заробени македонски граѓани. Ќе биде ангажиран и владиниот авион да бидат пренесени во некоја од соседните земји, најверојатно во Египет. Во моментов се девет граѓани, и очекувам до утре да заврши евакуацијата, рече Мицкоски.

МНР вчера апелираше поради влошената безбедносна состојба на Блискиот Исток, сите државјани на Македонија кои се наоѓаат на територијата на Израел и Иран, доколку им е потребна конзуларна помош, веднаш да стапат во контакт со надлежните институции преку дежурните (СОС) телефонски броеви.

Воедно, оттаму апелираа до сите државјани да се воздржат од патувања кон земјите од овој регион, сè до подобрување на безбедносната состојба.

За помош и асистенција, граѓаните можат да се обратат на следните контакти: Амбасада на Република Македонија во Тел Авив – Тел: +972 54 500 8566 / +972 54 967 0546 Е-пошта: telaviv@mfa.gov.mk.

Понатаму, Министерство за надворешни работи и надворешна трговија Тел: +389 75 273 732 / +389 75 268 736, Е-пошта: globalsos@mfa.gov.mk.

Оттаму додаваат дека во рамки на Министерството е формиран кризен штаб кој континуирано ја следи состојбата и е достапен 24 часа дневно за сите потреби поврзани со помош, поддршка и асистенција.

На крај, уште еднаш ги повикуваме нашите државјани кои се наоѓаат во погодените региони, доколку им е потребна конзуларна помош, без одложување да се обратат на наведените СОС контакти, стои во соопштението на МНРиНТ.

Поврзани вести