Skip to main content

Мицкоски: ВМРО-ДПМНЕ вечерва затвора едно поглавје на транзиции, кризи, притисоци и неправди и го отвора поглавјето на зрелоста

Честа е голема и обврската и долгот кон доделената задача е уште поголема. Ви благодарам од срце. Да се води ВМРО-ДПМНЕ не е само позиција или работа, пред се тоа е тежина која мора да се носи, одлука во која се сочинати многу надежи, соништа и копнежи. Многу очекувања, и историска улога која е нераздвојно врзана со напредокот на нашата заедничка цел да обезбедиме иднина за нашата Македонија. Затоа денес стојам пред вас со огромна чест, со длабока одговорност и со благодарност што не може да се измери со зборови. Ви благодарам за довербата. Ви благодарам што уште еднаш ми ја дадовте привилегијата да го водам ВМРО-ДПМНЕ во овој, мој последен мандат како претседател на партијата – изјави старо-новиот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во неговото обраќање по соопштување на резултатите од изборот на нов партиски претседател на 18.Конгрес.

Мицкоски, кој ја доби довербата од делегатите вели дека ова не е обична вечер и не е само реизбор.

Денес на овој свечен момент за нашата партија на највисокото тело на партијата, Конгресот, донесовме документи кои се идната на оваа партија, документи кои треба да ја обноват вербата во политиката и да покажат дека со стратегија и план резултатите се на дофат и иднината е гарантирана. Ова е вечер кога правиме историски исчекор. Вечер кога партијата што ја создадоа генерации борци, соѕидавме заедно стратегија, доктрина и нова национална рамка – и вечер кога таа визија ја добива поддршката што ја претвора во обврска за сите нас. Вечерва, на овој Конгрес, не добив само реизбор како претседател на ВМРО ДПМНЕ, туку денеска победи идејата. Победи патот што го трасираме за Македонија.Се потврди и недвосмислено зајакна решителноста да излеземе од кругот на стравот, поделбите, ниските амбиции и политичките навики што ја влечеа државата назад. Благодарам за овој ден. Благодарност и честитки за организацијата на овој настан и луѓето кои земаа учество. ВМРО-ДПМНЕ вечерва затвора едно поглавје на транзиции, кризи, напади, притисоци и неправди. И го отвора поглавјето на зрелоста.
Ви благодарам уште еднаш за довербата. Ова не е лесен товар, но е товар што го прифаќам со мир. Со мир затоа што знам дека не го носам сам. Со мир затоа што знам дека позади мене стои народот и стоите сите вие, што во најтешките моменти не изгубивте ниту надеж, ниту достоинство – рече Мицкоски.

Поврзани вести