
Во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје вечер ќе се одржи разговор со писателката Румена Бужаровска, чиј роман „Тони“ е книга на месецот и дел од четвртиот циклус на кампањата на Библиотеката – „Читаме современи македонски автори“.
Напишан на жив, остар и современ јазик, во препознатливиот горчлив и истовремено духовит стил на Бужаровска, „Тони“ е роман за машкоста, за градот и за традицијата. Брутално комичен, но и длабоко трагичен, се чита во еден здив. Ова е роман што ќе ве удри од земја и ќе ве натера да ги преиспитате општествените, романтичните и семејните односи од нашето секојдневие. Книгата е во издание на Издавачки центар ТРИ, соопшти Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ .
Румена Бужаровска (1981, Скопје) е писателка, преведувачка и професорка. Авторка е на романот „Тони“ (2024) и на четири збирки раскази преведени на повеќе од петнаесет јазици. Расказите од збирките „Мојот маж“ и „Не одам никаде“ добиле голем број меѓународни признанија и рецензии и се поставени како шест театарски претстави во земјата и во странство. Бужаровска е авторка и на збирката есеи „Господ, па Америка“ (2024) и на студија за хуморот во расказот „За смешното“ (2012).
Како книжевна преведувачка од англиски на македонски, превела дела од Џ.М. Куци, Луис Карол, Труман Капоти и Фланери О‘Конор. Коавторка и коорганизаторка е на инцијативата за раскажување женски приказни ПичПрич и е една од трите авторки на феминистичкиот поткаст Радио Милева. Пишува колумни за регионалниот магазин Велике Приче и предава американска книжевност и преведување на Филолошкиот факултет во Скопје.
Разговорот со Бужаровска ќе го води Александра Јуруковска, а фрагменти од делото ќе чита актерот Андреј Серафимовски.