
Фондацијата „Ацо Шопов – Поезија“ денеска го објави вториот конкурс за доделување стипендии „Ацо Шопов“ на млади истражувачи од втор и трет циклус студии.
Стипендиите се наменети за оние млади истражувачи во полето на хуманистиката кои во својот пристап ги инкорпорираат вредностите со кои се одликува творештвото на Ацо Шопов, односно: хуманизам, космополитизам, мултикултурализам и интеркултурна комуникација, еднаквост, толеранција и сл., а во доменот на научноистражувачката методологија се придржуваат до современите научни парадигми.
Како што соопштија од Фондацијата, имаат право да конкурираат студенти запишани на втор и трет циклус студии, чија тема на магистерски или докторски труд е веќе прифатена од наставно-научниот совет на факултетот на кој студираат, чиј магистерски или докторски труд ѝ е посветен најмалку во една третина на македонската современа поезија и најмалку во една четвртина на творештвото на Ацо Шопов, и кои во текот на студиите постигнале најмалку 8 просечен успех.
Прецизните услови на конкурсот се објавени на страницата на фондацијата „Ацо Шопов – Поезија“ во „Лирскиот дом на Ацо Шопов“: „https://www.acosopov.com/фондација/“.
Пријавите треба да пристигнат најдоцна до 14 јули 2025 година на оваа адреса: „acosopov.fondacija@gmail.com“.