Skip to main content

Во првиот том од Македонскиот етимолошки речник се опфатени 10 илјади зборови, работев деноноќно три години, кажа авторот, проф. д-р Гоце Цветановски на промоцијата

Министерство за образование и наука / Министереката Јаневска истакна дека излегувањето на првиот том е од огромно значење за македонскиот јазик, литературата и науката

Во првиот том од Македонскиот етимолошки речник се обработени 2.560 заглавни зборови, а заедно со семантичките и етимолошките гнезда во овој том се опфатени 10.000 зборови. На него работев три години, деноноќно, кажа денеска на промоцијата авторот проф. д-р Гоце Цветановски, научен советник во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ Скопје.

Проф. Цветановски, кој го подготви првиот том од Макеоднскиот етимолошки речник (А – Ж), прв во државата, денеска ѝ врачи примерок од изданието на министерката Весна Јаневска во знак на благодарност за поддршката од Министерството за образование и наука во реализацијата на проектот.

Тоа е нешто што ретко кој може да се пофали да го направи за толку кус период. На овој речник деноноќно работев три години, а претходно имаше подготовка во период од шест месеци за изучување на метологијата, концепцијата за овој речник. На Балканот ние бевме единствениот народ и јазик што досега немаше етимолошки речник. Македонскиот јазик досега најчесто се третира како јужнословенски јазик, но јас ќе напоменам дека тој во науката е дефиниран и како балкански јазик, со оглед на тоа што ги поседува сите структурни особености на балканските несловенски јазици. А во овој речник првпат ќе најдете толкувања за зборови што досега ниеден етимолошки речник не ги протолкувал, кои влечат далечни корени, рече Цветановски. Тој работи на следниот том и, како што рече, неговото објавување се очекува по три-четири години.

Македонскиот етимолошки речник е меѓу научно-истражувачките проекти што беа финансирани во 2025 од буџетски средства. Министереката Јаневска истакна дека излегувањето на првиот том е од огромно значење за македонскиот јазик, литературата и науката.