Skip to main content

Во македонскиот КИЦ во Белград отворена изложбата „Архивски документи“ на уметницата Жанета Вангели

Во македонскиот Културно-информативен центар во Белград вечерва беше отворена изложбата „Архивски документи“ од македонската ликовна уметница Жанета Вангели што претставува сублимација на главните области на интересирање што се во нејзиниот фокус.

Со изложбата Вангели не воведува во дел од архивските документи низ визуелна уметност преточена во дигитални слики, фотографии, текст и звучна уметност.

Ова е една нејзина мала ретроспектива. Таа е уметник којшто создава дури живее. Жанета Вангели е поим за уметник кој живее уметност со сите пори од својот живот. Идејата за нејзина изложба се роди лани. Четири децении продуктивен стаж, позната во европски и светски кругови. Вечерва тука се изложени дела мали по формат, но секоја од нив има записи како за цел еден роман“, нагласи директорот на македонскиот КИЦ во Белград, Васко Шутаров. 

Овој ликовен концепт се остварува во соработка со Националната галерија на Македонија од Скопје, претставувана од Маја Крстевска, кураторка на изложбата заедно со директорот на македонскиот КИЦ во Белград, Васко Шутаров.

Ова е еден опус од нејзиното четиридецениско творење. Ова не е повторување на изложбата што беше лани во Чифте Амам – ова е еден избран опус насловен „Архивски документи“ и претставува пресек во минијатура. Техниката е плексиглас, изработени за оваа изложба посебно и во мултимедијална визија“, потенцира Маја Крстевска, виш кустос и програмски раководител при Националната галерија на Македонија.

Крстевска додава дека со делата Вангели „ја повикува публиката да го почувствува сегашниот момент низ проекција на дожеаното“. 

Изложбата „Архивски документи“ е прво самостојно претставување на Вангели пред српската публика и содржи 41 дело.  Овој проект е поддржан од Министерството за култура и туризам, а белградската публика ќе може изложбата да ја види до 6 мај.

Жанета Вангели е редовен професор на ФЛУ на Катедрата за сликарство и мултидисциплинарни студии од 2008 година, а во 2003 година беше македонски претставник на Венециското биенале. Присутна е полни четири децении на македонската, европската и на светската уметничка средина, а нејзините дела се изложувани на сите континенти, на групни и самостојни изложби.

Поврзани вести