
Вечерва во Галеријата „Метаноја“ се отвора изложбата „Лица“ во рамките на „Несовршен простор“. На изложбата учествуваат дванаесет уметници од Македонија. Настанот е во четврток 23 октомври 2025 година од 19:00 часот на ул. Максим Горки бр. 19 во Скопје.
Во чест на творештвото на професорот Владимир Георгиевски, оваа година учесниците во изложбата ,,Несовршен простор” го третираат портретот.
Соодветно со тоа насловот на овогодишната изложба е ЛИЦА. Трагајќи по совршениот простор и пристап кон ликовното дело, во концептот на оваа изложба се бараат синхронизациите меѓу просторот во кој се создава и просторот во кој се изложува ликовната креација. И на оваа изложба ќе се направи синтеза од различностите меѓу стилските особености на неколку ликовни творци од различни генерации, кои активно создаваат во своите ателјеа.
Изложбата ќе биде поставена и реализирана во Галеријата Метаноја, а учесници на изложбата се Сергеј Андреевски, Ниче Василев, Томе Мишев, Синиша Новески, Тони Попов, Ване Костуранов, Никола Пијанманов, Вангел Срнаков, Стефан Младеновски, Игор Мишев, Мартина Спасовска и Никола Тренов.
Рецензент на изложбата е д-р Коста Милков кој, меѓу другото за изложбата пишува: „Во секој од портретите може да се ‘види’ душата на авторите сликајќи го ‘другиот’ или пак себе си. Публиката добива увид и во лицето на уметникот и во насликаното лице. Во портретите авторите ги изложиле своите прашања, стравови, тагата, радоста, прифаќањето, неправдата, заедништвото, отуѓеноста и сето она што животот го носи.“
Жирито за овогодинешната награда ,,Владимир Георгиевски” се Андреј Митевски – скулптор, Јасмина Котевска – историчарка на уметноста и Фросина Георгиевска – претставникот на фамилијата Георгиевски.