
Седум години 2.600 примероци од Правописот на македонскиот јазик стојат заборавени во НУБ „Св. Климент Охридски“. За време на редовен попис на капиталните проекти меѓу кои се „Нобеловците“ и „Ѕвезди на светската книжевност“ сосема случајно низ ходниците на Универзитетската библиотека биле забележани пакети за кои се утврдило дека станува збор за примероци од второто издание на „Правопис на македонскиот јазик“ кои биле печатени во 2017 година, но нејасно е зошто се уште не се дистрибуирани до соодветните институции.

Библиотеката во тој период добила проект од 1.400.000 денари од кои 1.113.000 денари се исплатени на издавачката куќа „Култура“ за права за тој Правопис и уште 275.000 денари исплатени на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ и од тој проект 9000 денари треба да се останати за НУБ. „Св. Климент Охридски“ за дистрибуција на тој Правопис која што никогаш не се случила, вели Јовица Никчевски, директор на НУБ „Св. Климент Охридски“.
Во време во кое во континуитет се инсистира дека јазикот е идентитет и дека тој е нашата татковина, година и половина по донесување на Законот за употреба на македонскиот јазик со години наназад сите овие примероци на Правописот, не се дистрибуирани.

Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ започна со дистрибуција на Правописот до сите библиотеки во земјава и до сите институции каде е потребно. Тој е веќе дистрибуиран до Градската библиотека „Браќа Миладиновци“, а следните чекори, како што најавува директорот на НУБ „Св. Климент Охридски“, Јовица Никчевски преку ЗЕЛС да се забрза дистрибуцијата низ државата.

Ова значајно издание повеќе нема да скапува во магацинските простории и ќе се дистрибуира таму каде што е најпотребно! НУБ ќе достави 1000 примероци на ЗЕЛС кои ќе бидат распределени во сите основни училилишта во Македонија, а ќе бидат опфатени и сите 950 на централните и подрачните училишта. Македонскиот јазик е нашето непроценливо богатство, темелот на нашиот идентитет и мораме да го сочуваме како нешто најсвето!, соопшти претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски по средбата со Никчевски.
Подготвија:
новинар, Невена Поповска
фото/видео: Александар Ивановски
монтажа: Александар Арсовски