Skip to main content

Во Драмски одбележан 27 март – Светскиот ден на театарот

Драмски театар

Со низа активности во Драмскиот театар се одбележува 27 март – Светскиот ден на театарот. Најмалите посетители од градинка и основните училишта во придружба на вработените од театарот се запознаа со начинот на работа и создавањето на претставите.

Крводарителската акција која се реализира во соработка со Црвениот крст на Општина Карпош има извонредно голем одзив меѓу ансамблот на Драмски и граѓаните на Скопје.

фото: Драмски театар

Значењето на одбележувањето на Светскиот ден на театарот освен театрите го препознава и деловната заедница и пројавува интерес за соработка и партнерство. Една таква иницијатива од страна на Дајнерс клуб, Македонија, етаблирана компанија од финансискиот сектор во Македонија денеска резултираше со потпишување на Договор за покровителство во годината кога Драмски ја одбележува 80-годишнината од континуираната работа и уметничко творење.

Директорот Роберт Вељановски во своето обраќање се заблагодари на Тони Јанковски и Весна Терзиевска од менаџерскиот тим на Дајнерс клуб, Македонија, за нивната доверба и подготвеност да го поддржат Драмски. Нивниот чин на поддршка во ова време на големи економски предизвици потврдува дека институциите што ја негуваат и ја создаваат националната култура имаат свои пријатели и поддржувачи.

фото: Драмски театар

Вељановски потенцираше дека: „Денеска, во современите општества, таа улога во голема мера ја има државата, и затоа сакам да ја истакнам и значајната поддршка на нашето ресорно Министерство за култура и туризам и Владата, како наш главен партнер и столб на културниот систем, кој овозможува континуитет, стабилност и развој на националните институции“.

Потсетувајќи дека покровителството во културата има длабоки корени, директорот Вељановски се наврати на записите од историјата кога: „Од владетелите и благородниците, па сè до современите општества, културата се развивала благодарение на луѓе и институции кои препознавале дека вложувањето во уметноста е вложување во трајни вредности. Секако радува фактот дека денес сме сведоци на една нова, современа димензија на меценството. Директорот Тони Јанковски изрази задоволство од потпишувањето на договорот за покровителство и се согласи дека компаниите, преку својата општествена одговорност, сè повеќе ја препознаваат културата како важен сегмент на општеството. Со својата поддршка, тие стануваат современи филантропи продолжувајќи една традиција стара со векови, но во нов контекст – како партнери во создавањето на современиот културен идентитет на еден народ“.

Во Драмскиот театар покровителството го прифаќаат со задоволство од причина што токму тоа е пракса што ја гледаме и ја почитуваме во регионот. Тоа е модел што создава стабилност, развој и поддржува нови уметнички форми и видливост на театарот пред домашната и културната јавност во странство кога Драмски учествува и гостува на театарски фестивали. Веруваме дека и кај нас поддршката на деловните субјекти на театарот ќе се развива во таа насока и дека овие соработки со македонските компании ќе донесат нова енергија, нови проекти и нови успеси, и дека заедно ќе продолжиме да создаваме вредности кои ќе останат и за генерациите што доаѓаат ̶ велат од Драмски театар.

Поврзани вести