
Изложба „Од канон до индивидуален израз: Зографството и профаното сликарство во Македонија (19–20 век)” вечер ќе биде отворена во Чифте амам. Изложбата го следи развојот на македонското сликарство во периодот на длабоки општествени, културни и естетски промени.
Преку внимателно селектирани дела од богатата колекција на Националната галерија, посетителите ќе имаат можност да проследат трансформација од традиционалното црковно сликарство кон профаното, граѓанско сликарство – процес што претставува една од клучните пресвртници во историјата на македонската ликовна уметност.
На изложбата ќе бидат презентирани досега неизложени, како и ретко изложувани икони и слики, создадени во периодот од средината на XIX до средината на XX век. Поставката вклучува дела од истакнати автори како Дичо Зограф, Никола Михаилов, Димитар Андонов Папрадишки, Ѓорѓи Зографски, Коста Шкодреану и Михајло Шојлев, но и непознати зографи, чие творештво ја отсликува постепената промена на уметничките принципи, тематиката и визуелниот јазик во македонската средина.
-Во текот на XIX век, зографите, иако верни на канонските правила на православното иконописно сликарство, сè почесто внесуваат елементи на индивидуален израз, поголема пластичност на формите, реалистичен пристап кон човечката фигура и интерес за просторот и природата. Под влијание на европските академски текови, овие промени постепено го отвораат патот кон појавата на профаното сликарство, во кое религиозните теми се заменуваат со портрети, историски композиции, пејзажи и сцени од секојдневниот живот, посочуваат од Националната галерија на Македонија.

Македонски



