
Со премиера на камерната претстава „Чиста куќа“ на авторката Сара Рул, а во режија на Тамара Стојаноска, вечерва, (31 мај) во 20 часот се отвора големата сала на Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп, која беше пред два месеца затворена поради многуте забелешки од страна на Дирекцијата за заштита и спасување.
Младата режисерка Стојаноска вели дека „Чиста куќа“ раскажува длабока човечка приказна за животот и смртта, преку пет различни, но меѓусебно испреплетени ликови.
„Зборуваме за непредвидливите пресврти во животот и начинот на кој се соочуваме со нив, за болката што е неизбежна, за големината на проштевањето, но и за љубовта и нејзиното губење. Претставата го истражува ширењето на емпатија и начинот на кој се справуваме со траумите од детството, во нашиот случај, преку вицови, како средство за преживување, бегство и поврзување.
Секој лик носи во себе различна тежина, нерешени болки, кои ги гледаме преку односите на две сестри, двајца партнери или родители и деца. Во нашата приказна, вицовите стануваат филтер, еден вид „фасада“ и начин да се преживее она што не може да се издржи. Траумите од детството често се заматени, а спомените се искривени или недовршени, а родителите ги штитат децата од вистинската болна реалност. Ликовите не се обидуваат само да не насмеат, тие се обидуваат да преживеат, да ја пронајдат смислата во свет кој понекогаш е премногу болен за да се прифати таков каков што е…“, вели за претставата Стојаноска.
Таа додава дека претставата се движи на границата меѓу реалноста и имагинацијата, користејќи елементи на магичен реализам за да ги прикаже емотивните состојби на ликовите, каде вицовите можат да лекуваат и убиваат, а љубовта може да живее и по смртта.
„’Чиста куќа’ не е само приказна за чистење простор, туку за чистење на внатрешниот емотивен хаос. Авторката нè потсетува дека не сме совршени, но и дека токму во таа несовршеност се крие нашата човечност“, додава Стојаноска, за која ова е седма претстава, но прва во државен театар. Делото, пак, вели, за првпат се поставува на сцена во Прилеп, но и во Македонија.
Во претставата играат: Даниела Иваноска (Лејн), Наташа Ачански (Матилда), Катерина Чакмакоска-Клинческа (Вирџинија), Јасмина Мицовска Станкоска (Ана), Димитар Ѓорѓиевски (Чарлс).