
На Меѓународниот ден на танцот – 29 Април, вечер во Македонскиот народен театар (МНТ) во 20:00 часот ќе биде отворено 21-то издание на „Танц-фест Скопје“.
Фестивалот ќе биде отворен со читање на домашната порака по повод Меѓународниот ден на танцот од Адријана Данчевска Ровчанин, која беше избрана за овогодишна авторка на пораката од Танцовиот одбор на ИТИ Македонија.
На свеченото отворање традиционално ќе биде доделена наградата „Менада“ на Роксан Стојанов, ѕвезда на Париската опера.
Отворањето ќе биде збогатено и со краток перформанс на Танцовата компанија УЦСБ (UCSB) од Санта Барбара, Калифорнија, како вовед во целосната изведба на нивната продукција „Рефракции – гласови на светлината и темнината“, што ќе ја гледаме на 30 април во МКЦ.
Кулминација на вечерта ќе биде светската премиера на „Идентитети – будење“, третото и последно дело од трилогијата „Идентитети“, со што ќе се одбележи 45-годишниот јубилеј на уметничката кариера и творештво на Рисима Рисимкин.