Skip to main content

Уметницата Кристина Зимбакова на Светското биенале за хартиена уметност – Шангај 2025 во Кина

Ликовната уметница Кристина Зимбакова учествува на Светското биенале за хартиена уметност – Шангај 2025 во Кина. Биеналето се одржува во Музејот „Фенгксијан“ во Шангај, и трае од 1 ноември 2025 до 28 февруари 2026 г. Музејот е рангиран во прва категорија на музеите во Кина, а секој од избраните уметници се претставува со едно свое дело на хартија, најчесто рачно изработено.

Зимбакова која е единсвена претставничка од нашата земја, на изложбата е претставена со делото „Клета свадба“. Изработено е од мастило, акрил и габи (Antrodia juniperina, Аstraeus macedonicus, Chlorociboria sp., Fuscoporia sp., Rhytisma acerinum, Trichaptum biforme, Trichaptum abietinum и 5 неодредени вида) на рачно изработена хартија од габи; 37 x 37 cm; 2024 г..

Изложбата се одржува истовремено  и во заедничка организација со Конгресот на Меѓународната асоцијација на професионалци и уметници за рачно изработена хартија (ИАПМА), со седиште во Дрезден, Германија, чија членка е и Зимбакова. Темата и на изложбата и на Конгресот е „Хартијата и водата“. Крајбрежниот град Шангај е град меѓу историјата и и традицијата, модернизмот и високата технологија, опколен со река од сите страни, со трговски врски јужно од реката Јангце и Источното Кинеско Море. 

Зимбаква посочува дека создава хартија и пулпа од габи, на која „црта“ со лишаи, прави мозаик или вметнува поезија. Габите ги собира преку лични теренски истражувања по планините, а во соработка со научници од земјава и странство добива ретки или ендемични видови и од други континенти. Преку примената на габи во уметнички контекст, сликарката се стреми и да придонесе кон подигнување на свеста за зачувување на овие значајн и чудесни, но често запоставени организми.

Уметницата досега имала 11 самостојни изложби во земјава, Ирска, Грција и Бугарија, меѓу кои се истакнуваат: Универзитет „Аристотел“, Солун (2022); Сечена Скала (1,740 m), Беласица (2019); Факултет за уметност „Белфаст“, С. Ирска (2017); Собир на Европски совет за зачувување на габите, Охрид (2017). Учествувала на бројни групни изложби низ Европа, Северна Америка, Азија и Африка. Нејзини дела  има во збирките на Универзитетот „Оксфорд“ во Англија, Амбасадата на РМакедонија во Вашингтон, Миколошкото друштво на Гран Канарија во Африка и Колеџот „Смит“ во САД. Престижни стипендии има добивано од Програмата за развој на Обединетите нации и од Меѓународниот институт за бои од габи од САД.

Поврзани вести