
На 20 ноември (четврток) во 11 и во 12 часот, по повод Светскиот ден на детето во Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп ќе биде прикажана претставата „Три“ – прва професионална претстава на знаковен јазик за деца.
Претставата четири години е активна на македонската сцена со цел децата кои припаѓаат на глувонемата заедница да им понудиме да уживаат во театарската уметност на нивниот мајчин јазик, односно македонски знаковен јазик, но исто така и за останатите деца кои имаат прилика преку актерската интеракција да ја научат знаковната македонска азбука.

Во претставата, актерите паралелно говорат и интерперетираат на македонски знаковен јазик. Претставата има дидактички карактер, во кој децата во интеракција со актерите ја учат знаковната македонка азбука.
Главната тема е современата еколошка катастрофа што ѝ се заканува на нашата планета. Трите самовили — Розе, Лила и Синка, кои ја надминуваат јазичната бариера меѓу јазикот на тишината и говорниот јазик на Ѕвонко Бонбонко, стануваат пријатели и заедно се обидуваат да го исчистат расфрланиот отпад што се наоѓа насекаде.

Автор и режисер на претставата е Јован Ристовски, а играат: Сандра Грибовска, Маја Андоновска Илијевски, Анастазиа Христова, Никола Пројчевски. Тутор по знаковен јазик е Сузана Станоевска. Продукција: ATO Центар Битола. Гостувањето е поддржано од GIZ North Macedonia во соработка со Ambassade de France à Skopje.

Македонски








