Skip to main content

Текстот за „Амадеус“ е убавина и пофалба на уметноста воопшто, вели македонскиот режисер Александар Поповски кој со Словенечко народно гледалишче гостува во МНТ на први април

На големата сцена на Македонскиот народен театар (МНТ) в среда, на први април, во рамките на роденденското одбележување 81 година МНТ, ќе гостува Словенечко народно гледалиште (СНГ) од Марибор со претставата „Амадеус“ од наградуваниот Питер Шафер и во режија на меѓународно признаениот македонски режисер Александар Поповски.

СНГ од Марибор гостува во МНТ по пауза од 26 години. Последен пат овој театар гостуваше во МНТ со „Дракула“ во 2000 година, претстава која исто така ја режираше Поповски.

Пресреќни сме што СНГ Марибор после повеќе од 20 години гостува повторно со своја театарска продукција во МНТ. И од овој момент најавуваме меѓусебна соработка, што значи дека и МНТ во периодот што следува ќе гостува на нашата мариборска сцена, изјави директорот на СНГ Марибор, Данило Роскер.

Роскер имаше само пофални зборови за Поповски, кој веќе осум години е уметнички директор на Мариборската драма, тоа му е втор мандат.

Тоа е многу ретко во Словенија, речиси и да нема такви случаи еден уметнички директор да издржи толку долго. Затоа, Александар, честитки! Работиме многу добро и мислам дека Александар со Мариборската драма подигна некои стандарди, па сега сме многу препознатлив театар и во словенечкиот и во меѓународниот простор, рече Роскер.

„Амадеус“ се темели на митот за животот и меѓусебното ривалство на композиторите Волфганг Амадеус Моцарт и Антонио Салиери. Шафер црпи инспирација од кратката драма на Александар Пушкин „Моцарт и Салиери“ од 1830 година.

Ова е многу, многу убав текст, навистина преубав. Екипата што игра во претставата е одлична. Овој текст публиката најверојатно го познава повеќе преку филмот на Милош Форман, „Амадеус“. Текстот во себе содржи една таква убавина и една пофалба на уметноста воопшто, особено музиката и на генијалноста. И од една страна и од друга страна тоа проклетство што го чувствува, дека знае дека низ него поминува генијалноста и таа музика, и начинот на којшто живеел – животот којшто го живеел, на некој начин во конфликт со средината. На сличен начин како што е Молиер во ‘Животот на Молиер’ во конфликт со средината. Едноставно, најверојатно уметникот, за да биде здрав, мора да биде во конфликт со сопствената средина. Тука би можел многу повеќе да кажам, ама не…. Оти нема потреба, изјави на денешната прес-конфренција македонскиот режисер Поповски.

Во претставата играат: Алеш Валич, Жан Копривник, Јулија Клавжар, Давор Херга, Матија Стипанич, Матевж Бибер, Катарина Барбара Крњак, Софиа Тики, Тина Ројко, Ева Млакар Поштрак и Борис Каваца – глас.

Во креативниот тим се потпишуваат: Вања Магиќ – сценограф, Марита Ќопо и Миа Поповска – костимографи и Росана Хрибар – кореограф.

Инаку, роденденската програма на МНТ почна вчера со стендап шоуто „Шоубиз“ на српскиот актер Никола Ѓуричко. По утрешниот настап на СНГ Марибор, на 3 април ќе се изведе монодрамата „Безгрешна “со Наташа Матјашец-Рошкер , инспирирана од романот „Маријиниот завет“ и како омаж на истакнатиот словенечки режисер Томаж Пандур. Тој почина во Скопје во 2016 на 53 години за време на проба на претстава. На 4 април ќе биде изведена претставата „Другата страна“ во продукција на Црногорското народно позориште од Подгорица.

Свесно одбравме продукции, кои носат силни режисерски имиња. Носиме актуелни регионални продукции и со тоа сакаме да понудиме различна театарска естетика. Гостувањата не се програмски додаток или шминка, туку суштинска потреба за една национална институција. Ако МНТ сака да остане релевантен, не смее да постои во затворен културен круг. Мора да комуницира, да се компарира со други естетики и други сценски јазици. Затоа, годинава ја степенуваме важноста на рецентни регионални продукции – претстави, кои веќе живеат активен сценски живот и носат јасен авторски став. Гостувањата не се само уметнички настан, туку огледало, во кое МНТ ја проверува сопствената позиција и капацитет да биде дел од поширокиот современ европски театарски контекст, изјави на денешната прес-конференција директорот на МНТ, Никола Кимовски.

Поврзани вести