Skip to main content

Со „Слугинки“ се отвораат Деновите на претстави од независната продукција во Драмски театар

Драмски театар

Претставата „Слугинки“ во режија на Теодора Силјаноска ги отвора Деновите на претстави од независна продукција што од 11 до 20 септември ќе се одржат во Драмски театар Скопје. На двете сцени на тратарот ќе се играат претставите од независната продукција создадени во изминатите две години.

Драмски ќе биде местото каде ќе се сретнат уметниците што творат и внесуваат свежина, динамика, понекогаш и неконвенционален пристап во создавање на театарските претстави. Драмски ја повикува својата театарска публика и генерацијата на млади, љубопитни познавачи на дигиталните медиуми да дојдат и да им дадат поддршка на креативните проекти од независната сцена. Оваа симбиоза на публиката што ќе ги следат претставите од независната сцена, ќе дадат енергија за нов и динамичен вовед во новата театарска сезона.

Драмски ќе ги отстапи за гостување сцената „Ристо Стефановски“ и „Малата сцена“ на театарот како и потребната техника со што овозможува изведба на новите претстави и презентирање на иновативни, автентични и квалитетни театарски проекти.

Деновите на независна сцена в четврток на 11 септември во 20 часот ги отвора претставата „Слугинки“ во режија на Теодора Силјаноска. Во претставата играат: Марија Кондовска, Кристина Гиева, Ванеса Тримчевска.

Продукцијата„Македонски центар ИТИ/ПРОДУКЦИЈА“ со претставата „Криег“ ќе настапи в петок на 12 септември во 20 часот. Режијата е на Иванка Апостолова –Баскар, а во претставата играат Здравко Стојмиров и Филарета Атанасова.

В сабота на 13 септември во 20 часот со претставата „Folie a Deux“ на режисерот Ѓорѓи Ризески ќе гостува продукција „Вортекс театар“. Во претставата играат Јана Вељановска и Никола Милошевски.
Претставата „Лекција“ работена по делото на авторот Ежен Јонеско во режија на Ризески ќе се игра в петок на 16 септември во 20 часот. Во претставата играат: Ефтим Трајчов Ѓаурски, Димитрина Мицкоска Трајкоска, Милорад Ангелов, а продукцијата е „Моушн Нетворк Штип“.

На 17 септември Драмски театар ќе ги отвори двете сцени за проектите на уметниците од независната сцена. Од 19 часот на Малата сцена ќе се игра претставата „Те чекам“ на продукцијата „Театар за тебе“. Автор и режија на претставата е Изабела Јакимова, а играат Гоце Андонов и Ангела Лефкова со учество на публика.

„Волкот на љубовта“ на авторите Бранислав Николов и Тихомир Јанчовски ќе биде вториот настан што ќе се реализира во среда на 17 септември со почеток во 21 часот на сцената „Ристо Стефановски“.
В четврток на 18 септември во 20 часот ќе се игра монодрама „Фетишист“ по делото на авторот Мишел Турне. Здравко Стојмиров ја игра и ја потпишува режијата на претставата.

Продукцијата „Театар Златен Елец“ в петок на 19 септември од 20 часот ќе ја игра претставата „Хинкеман“ по делото на авторот Ернст Толер. Режија и адаптацијата се на Тамара Стојаноска, а во претставата играат: Бобан Алексоски, Талија Настова / Надица Петрова, Дритон Вејсели / Филип Христовски, Ане Блажовски, Леонида Гулевска и Бранко Михајлоски.

Деновите на независна продукција се затвораат в сабота на 20 септември со претставата
„Вај-Фај“ во режија на Мирко Видоески. Претставата се игра од 20 часот и во неа ликовите ги толкуваат: Наташа Петровска, Лазар Саровски, Драгана Радованов, Глигорије Стојановски и Игор Бачоски. Претставата е во продукција на „Драмско студио Тетово“.

Од Драмски театар Скопје информираат дека билетите за гостувањата на независната сцена од 11 до 20 септември се пуштени во продажба и ја покануваат публиката да ја искористи можноста да ги проследи и да ги поддржи претставите од поновата продукција на независната сцена.

Поврзани вести