Skip to main content

Со сценскиот спектакл „Сонцето, колку е блиску сонцето – Made in MNT“ на Дејан Пројковски на 29 декември се заокружува прославата 80 години Македонски народен театар

Во пресрет на 80 години од постоењето на Македонскиот народен театар, на 29 декември, на големата сцена, премиерно ќе биде изведен сценскиот спектакл „Сонцето, колку е блиску сонцето – Made in МNT“, од истакнатиот режисер Дејан Пројковски.

Претставата е спој на минатото и сегашноста преку клучните вредности на МНТ – љубов, умeтничка храброст, посветеност, визија, тимска работа, чување на традицијата и создавање нови вредности за иднината.

Претставата е аудиовизуелно патување низ македонската драматургија, поезија, проза и ликовна уметност. Емотивна приказна посветена на големите актери, режисери, драматурзи и на сите оние професионалци зад кулисите, задолжени за создавањето на сценскиот универзум во МНТ.

Во претставата учествува огромна актерска екипа од ансамблот на Македонскиот народен театар, оперски пејачи и актери и студенти по актерска игра од Факултетот за драмски уметности и Еуропа Прима во кореографија на Олга Панго и асистент на кореографот Ирена Лозинска. Асистент на режија е Андреј Цветановски. Сценографијата е на Валентин Светозарев, за костимите е задолжена Марија Пупучевска, музиката е на композитор: Горан Трајкоски и дизајнер на 3Д-видеомапинг е Сергеј Светозарев.

Во спектаклот учествува огромна актерска екипа од ансамблот на МНТ, соло пејачи, воздушни акробати и балетски играчи.

Публиката ќе биде дел од големо патување во театарот на сонцето. Големиот сценски спектакл ќе спои повеќе изразни средства со акцент на 3Д-видеомапингот. Идејата е преку создавање мултимедијални сцени на оригинален начин, пред сѐ, преку силно визуелен израз да се раскаже 80-годишното театарско постоење на МНТ.

Перформансот е големо патување низ националната драма и сите основоположници на македонската драма и литература. Во претставата ќе бидат претставени сценски слики од највпечатливите моменти на сите големи автори на големата драматика, како и сите оние слики што се втиснати во колективната меморија и традиција. Претставата е аудиовизуелно патување низ македонската драматургија, поезија, проза, песна и ликовна уметност. На сцената преку уметничката визија ќе видиме сценски слики што се значајни за нашиот идентитет, преку кои создаваме мозаик од музика, поезија, приказни, кои го направиле МНТ столб и чувар на нашата култура и традиција“, вели режисерот Пројковски.

Следните изведби се на 15 и 16 јануари 2026 година во 20 часот на големата сцена на МНТ.

Поврзани вести