Skip to main content

„Сама против Ерос“ од Линдита Ахмети – ново издание на „Матица македонска“

Прв избор од поезијата на Линдита Ахмети објавен во книга во препев на македонски јазик по нејзиното физичко заминување

Во издание на „Матица македонска“ е објавена „Сама против Ерос“ од Линдита Ахмети (1973–2024) – првиот избор од нејзината поезија што се појавува како книга во препев на македонски јазик по нејзиното физичко заминување.

Изданието е нова средба со еден од најдаровитите и најпрепознатливи поетски гласови од нејзината генерација и, истовремено, можност поезијата на Ахмети одново да биде прочитана во поширок пресек – како творештво во кое интимното и универзалното, современото и митското, љубовта и самотијата постојано се допираат и се преиспитуваат.

Изборот го приреди Раде Силјан, а препевите од албански на македонски јазик се на Џабир Ахмети и Даут Даути. Книгата ја отвора предговорот „Античкиот вкус на светот“ од Али Алиу, кој ја осветлува особената поетска индивидуалност на Ахмети и нејзината способност во ист поетски простор да ги соедини човечкото секојдневие, митот, историјата, љубовта, меланхолијата и егзистенцијалниот немир.

„Сама против Ерос“ донесува песни од повеќе творечки целини и периоди, во неколку циклуси: „Попусто Еросот по мене доаѓа“, „Призивање во април“, „Камена месечина“, „Акцентот паѓа врз Хермес“, „Син сон“ и „Утрешните монети“. Така книгата не претставува едноставно повторно објавување на веќе познатото, туку избор што воспоставува нова перспектива кон поетското дело на Линдита Ахмети и кон неговата внатрешна кохерентност.

Во нејзината поезија, Ерос не е само античка фигура, ниту љубовта е само лирска тема. Тие се дел од поширока поетска драматургија во која се судираат копнежот и отсутноста, надежта и разочарувањето, блискоста и осаменоста, минливоста и желбата нешто да остане. Античките богови, митолошките личности и книжевните архетипови кај Ахмети природно влегуваат во современиот свет и стануваат негови соговорници.

Оттука произлегува и препознатливоста на нејзиниот поетски универзум: Хелиос, Афродита, Ерос, Сафо, Архилох, Одисеј и другите фигури од европската културна меморија во нејзините стихови живеат покрај домот, мајката и таткото, детството, љубовта, тагата, сонот, градината, книгата и секојдневниот човек. Големиот мит и најличното чувство кај неа не се две одделни области, туку два јазика на истото човечко искуство.

Токму затоа и насловот „Сама против Ерос“ може да се прочита како една од клучните шифри на нејзината лирика: како поетска слика на човекот исправен пред силата на љубовта, желбата, судбината и сопствената осаменост.

Линдита Ахмети е родена на 26 април 1973 година во Призрен, а почина на 8 април 2024 година во Скопје. Дипломирала и магистрирала на Институтот за класични студии при Филозофскиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Работела како научен соработник во Институтот за духовно и културно наследство на Албанците, а покрај книжевното творештво активно се занимавала и со научноистражувачка и преведувачка дејност.

На албански јазик објавила повеќе поетски книги, меѓу кои „Малини и блуз“, „Островот Адулар“, „Божилак“, „Сама наспроти Ерос“, „Цветот алба“, „Од брезовата шума на татко ми“ и „Соба без излезна врата“, а на македонски претходно се објавени „Камена месечина“, „Син сон“, „Призивање во април“, „Утрешните монети“ и „Акцентот паѓа врз Хермес“. Нејзините дела се преведувани и на бугарски, полски, англиски и шпански јазик.

Ахмети беше и преведувачка од македонски на албански и од албански на македонски јазик, членуваше во Македонскиот ПЕН-центар, а во 2022 година ја доби државната награда „11 Октомври“ за животно дело од областа на културата.

Објавувањето на „Сама против Ерос“ е можност поетското дело на Линдита Ахмети да продолжи да живее не само како дел од книжевната меморија, туку и како живо четиво за новите читатели. Физичкото заминување на поетот ја прекинува можноста за нов стих, но не и животот на веќе создадената поезија.

Со „Сама против Ерос“, гласот на Линдита Ахмети повторно му се обраќа на македонскиот читател – од книгата, од стихот и од она место во книжевноста во кое отсутноста веќе не значи молк.

Поврзани вести