Skip to main content

Промоција на две нови книги од Славе Николовски – Катин денеска во НУ Библиотека „Григор Прличев“ во Охрид

Со промоција на две нови книги денеска  во НУ Библиотека „Григор Прличев“ на свечен начин ќе биде одбележан големиот јубилеј 85 години живот и творештво на познатиот новинар и публицист Славе Николовски – Катин.

Катин е роден на 19 август 1941 година во Долна Преспа, во куќа која во тој период ја заплискувале брановите на Преспанското Езеро, во непосредна близина на старата населба Наколец, на почетокот на Втората светска војна. По извесен период по неговото раѓање, семјеството се преселува во Љубојно, од каде што е неговата мајка Сандра. До завршувањето на осумгодишното училиште во Љубојно и средното училиште во Скопје го носи презимето на мајка му – Грежловски, а потоа на факултет во Белград продолжува со презимето на неговиот биолошки татко Ристо (Барџевски) – Николовски, кој, како руски офицер и светски администратор го направи постојаниот дом во Рио де Жанеиро, во Бразил.

Во Љубојно Славе го минува поголемиот дел од детството, од младоста, а се навраќа во него скоро цел живот. Катин таму има библиотека со околу 5.000 книги и македонска соба.

Катин е голем вљубеник во својата родна Преспа,во Охрид, Скопје и Торонто. Славе Катин не припаѓа на политичка партија, бидејќи тој е припадник на етничка Македонија, на Македонците во дијаспората и на Македонската православна црква-Охридска архиепископија која како институција игра значајна улога во опфаќањето и сплотеноста на Македонците надвор од Македонија, особено во прекуокеанските земји и насекаде во светот. На македонската и на меѓународната јавност Каситн и’е познат по неговите бројни публикации, новинарски и научни трудови кои се посветени, главно, на животот на Македонците во дијаспората, на науката, новинарството, религијата, културата, македонскиот јазик и литературата.

Дееска од 11 часот во Библиотеката ќе бидат промовирани книгите: „Славе Катин – живот и дело“ и „Патувања околу светот“. Промотори ќе бидат новинарот и публицист Веле Митаноски и публицистот и истражувач Стево Томовски.

На присутните ќе им се обрати и директорката на НУ Библиотека „Григор Прличев“ Христина Трпеска.

Славе Николовски – Катин во август 2018 беше првиот добитник на тогаш воспоставената титула, Почесен член на Библиотеката во Охрид.

Поврзани вести