Skip to main content

Трио „Анимато“ ја воодушеви белградската публика

Во преполната „Артгет“ сала на Кнез Михајлова улица бр.6, синоќа во срцето на Белград, триото „Анимато“ одржа концерт кој публиката долго ќе го памети. Внимателно одбраната програма за две флејти и пијано, предизвика исклучителен интерес, долги аплаузи и бис, од публиката, во која имаше претставници од дипломатскиот кор, од академската и музичката заедница, од македонската заедница во Србија, но и голем број странски музички сладокусци. Посебно воодушевување, покрај рафинираната интерпретација на дела од Шостакович, Доницети, Елгар и Фурштенау, предизвика композицијата на македонскиот автор Давор Јордановски „Кољо“ работена според мотивите на традиционалната песна „Не си го продавај Кољо чифликот“, како и бравурозната интерпретација на „Либертангото“ од Астор Пјацола.

Концертот на триото „Анимато“ беше во организација на Македонскиот КИЦ во Белград и директорот Васко Шутаров, а ова музичко гостување беше поддржано од Министерството за култура и туризам.

 Формирано во 2020 година, од уметници кои негуваат заеднички интерес и љубов кон камерното музицирање, триото „Анимато“ бележи континуирана дејност и настапи на нашите концертни подиуми и фестивали. Афирмирајќи го камерното музицирање, овој состав негува композиции од светската литература и дела од современото македонско музичко творештво.

Членките на триото „Анимато“ се истакнати музички уметници кои своето образование го имаат стекнато на Факултетот за музичка уметност во Скопје и успешно и посветено дејствуваат и во областа на музичката едукација. Пијанистката Светлана Димитриевска, раководител на одделот по пијано во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“ во Скопје, остварува редовни настапи и учества на домашни и меѓународни натпревари со учениците, член е на жири и организациони комисии на повеќе натпревари, член на ЕПТА Македонија и промотор на настаните Piano Day Skopje, посветени на афирмацијата на младите пијанистички таленти. Таа настапува и како концертен пијанист со бројни македонски инструменталисти.

Флејтистките Даниела Неделковска и Симона Марочковска – Манојловска во нивното дејствување бележат  соработки со оркестри и камерни состави со кои настапувале на повеќе манифестации и фестивали „Охридско лето“, „Скопско лето“, „Мајски оперски вечери“, „Денови на македонска музика“ и др. Во активната педагошка дејност овие уметници бележат  бројни признанија и освоени награди со нивните ученици, активности во организација на меѓународи натпревари, семинари и педагошки проекти.

Поврзани вести