Skip to main content

По Загреб и Белград, Ади Шоше со голем концерт во Скопје

Ади Шоше – еден од највпечатливите вокали од помладата генерација, име што во последните години забрзано го освојува регионалниот музички простор, по шест распродадени концерти во загрепскиот „Лисински“ и големиот солистички концерт во белградскиот „Сава центар“, на 18 октомври за првпат доаѓа во Скопје. Скопскиот концерт е закажан во Македонската филхармонија.

Зад овој млад пејач со вонсериски талент е период во кој од член на „Милиграм“ почна да раскажува успешна соло приказна, со концерти кои привлекуваат сè поголем интерес низ регионот. А дека Шоше во моментов е едно од имињата за кои се зборува, потврди и неговиот неодамнешен дует со Сенидах, песната „Чиста љубав“ што премиерно беше изведена токму во преполниот „Сава центар“ во Белград.

Интересно за самата песна е тоа што идејата за истата всушност се раѓа сосема спонтано, по нивна случајна средба на еден аеродром. Од првиот заеднички момент до сцената на „Сава центар“ соработката доби продолжение кое денес е дел од актуелната регионална музичка приказна на Шоше. Сега следува Скопје.

За македонската публика ова ќе биде прва можност Ади Шоше да го донесе својот концертен репертоар во живо – од песните што веќе имаат своја публика во регионот, до новиот материјал и актуелните соработки.

„Се гледаме на 18 октомври и тоа за прв пат во Скопје. Дојдете заедно да ја славиме љубовта. Ве сакам“, вели Шоше во видеопоздравот до македонските фанови, во кој и запеа на македонски.

(https://www.instagram.com/reel/Ddo_gxUsLaq/?utm_source=ig_web_copy_link&stkn=MzRlODBiNWFlZA==)

Билетите за скопскиот концерт се пуштени во продажба преку мрежата на e-ticket.

Поврзани вести