Skip to main content

Тројца уапсени и 13 регистрирани нарушувања на јавниот ред и мир за Денот на албанското знаме

Тринаесет нарушувања на јавниот ред и мир биле регистрирани за време на прославата на Денот на албанското знаме на подрачјата на Скопје, Тетово, Охрид и Куманово. Министерството за внатрешни работи соопшти дека досега се поднесени две кривични пријави, изготвени се 10 записници за констатирани прекршоци, а три лица биле лишени од слобода.

Од МВР информираат дека преземаат интензивни мерки за целосно расчистување и документирање на сите настани.

На подрачјето на СВР Скопје биле регистрирани седум нарушувања на јавниот ред и мир, во реоните на Бит-пазар и Ѓорче Петров. Изготвени се седум записници за прекршоци против четири лица, од кои три за отстранување, кинење или оштетување на државни симболи и симболи на заедниците, а еден за карање, викање или непристојно и дрско однесување.

Регистрирани биле и три прекршоци од областа на безбедноста во сообраќајот, односно управување возило без возачка дозвола, управување со брзина поголема од дозволената и движење во спротивен правец.

Поднесена е и кривична пријава против едно дете за кривично дело „безобѕирно управување со моторно возило“ по член 297-а од Кривичниот законик. При преземањето мерки за расчистување на настаните, две лица биле лишени од слобода.

На подрачјето на СВР Тетово биле регистрирани две нарушувања на јавниот ред и мир од страна на деца, со употреба на пиротехнички средства на Градскиот плоштад во Тетово. Регистриран бил и настан во кој било поставено албанско знаме на полициско возило. Полицијата презема мерки за целосно документирање на настаните, по што ќе бидат поднесени соодветни поднесоци.

На подрачјето на СВР Охрид биле регистрирани две нарушувања на јавниот ред и мир, во Кичево и Струга.

Во Кичево, на градскиот плоштад биле поставени неколку знамиња на Република Албанија, по што бил составен записник за сторен прекршок.

Во Струга, во едно основно училиште биле поставени знамиња на Република Албанија, без да биде истакнато државното знаме на Македонија. По преземените мерки, против одговорното лице во училиштето ќе биде поднесено барање за поведување прекршочна постапка.

На подрачјето на СВР Куманово бил регистриран еден настан за време на дефиле со возила низ централното градско подрачје. Полициските службеници забележале две лица, од кои едното се дало во бегство, додека другото било задржано.

При извршениот преглед кај лицето биле пронајдени пиштол марка „Црвена Застава“ и рамка со пет куршуми. Тоа било лишено од слобода поради сомнение за сторено кривично дело „недозволено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или експлозивни материи“ по член 396 од Кривичниот законик.

Од МВР најавуваат дека продолжуваат активностите за утврдување на сите околности и одговорноста за регистрираните настани. 

Поврзани вести