
Модернизацијата на опремата ќе донесе зголемено домашно производство и најмалку 5 милиони евра дополнителни годишни приходи
Во Музејот на Град Скопје, со изложбата „Моќта на водата ја претвораме во енергија“, симболично беше означен почетокот на реализацијата на капиталниот проект „Ревитализација на хидроелектраните – трета фаза“, во присуство на претседателот на Владата Христијан Мицкоски.
Проектот е еден од најзначајните инвестициски циклуси во историјата на АД ЕСМ, со проценета вредност од околу 46 милиони евра.
35 милиони евра се обезбедени преку заем од германската развојна банка KfW
10,7 милиони евра се неповратни средства од Европската Унија преку Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF)
Во наредните години ќе се модернизираат шест големи хидроелектрани: Вруток, Врбен, Равен, Тиквеш, Шпилје и Глобочица, во рамките на ХЕС „Маврово“, ХЕС „Црн Дрим“ и ХЕЦ „Тиквеш“.
Со замената на застарената опрема ќе се намалат прекините во работата, ќе се продолжи работниот век на постројките и ќе се зголеми оперативната безбедност. Дополнително, инсталираниот капацитет ќе се зголеми за 13,5 MW, а годишното производство за 50 GWh чиста електрична енергија.
Лазо Узунчев, претседател на Управниот одбор и генерален директор на АД ЕСМ:
„Придобивките од модернизацијата се директни и мерливи – го продолжуваме работниот век и го зголемуваме инсталираниот капацитет кај големите хидроелектрани за дополнителни 13,5 мегавати, со што обезбедуваме ново годишно производство од 50 гигават-часови чиста електрична енергија. Зголеменото производство и обем на системски балансни услуги ќе ни донесат најмалку 5 милиони евра дополнителни годишни приходи.“
Михалис Рокас, амбасадор на Европската Унија во Македонија:
„Македонија има голем хидропотенцијал, но за негово искористување потребно е модернизирање на постројките. ЕУ придонесе за ревитализација на 6 хидроелектрани со грант во износ од 11,2 милиони евра. Преку Планот за раст, ќе продолжиме со финансиска и советодавна поддршка за енергетскиот сектор во земјата.“
Петра Дрекслер, амбасадорка на Сојузна Република Германија:
„Заедно со Европската Унија, Германија ја поддржува Македонија во изградбата на одржлив и отпорен енергетски систем. Соработката со KfW е насочена кон модернизација на клучната енергетска инфраструктура, која претставува темел за домашната енергетска безбедност и значителен придонес кон нашите заеднички европски климатски амбиции.“
Проектот се реализира како дел од Енергетскиот пакет за поддршка на ЕУ за Западен Балкан, кој ја поддржува одржливата енергетска транзиција на регионот преку Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF).

Македонски

