
Во Македонскиот народен театар (МНТ) почнаа пробите за претставата со работен наслов „Кататонија“, по мотиви на драмскиот текст на Алис Бирч, во режија на Васил Христов и драматург Викторија Рангелова-Петровска, известија од националниот театар.
Претставата е во копродукција на МНТ и Вондерленд театар – Скопје. Играат актерите: Игор Ангелов, Сања Арсовска, Верица Недеска, Дениз Абдула, Владимир Петровиќ, Јасмина Василева, Јасмина Билаловиќ и Ања Митиќ.
Костимограф е Роза Трајческа-Ристовска, сценографското решение е на Васил Христов. Премиерата е предвидена за почетокот на јуни 2025 година.
Според режисерот Христов, претстои интензивен и динамичен процес, во кој преку драмскиот материјал што се обработува се отвораат повеќе горливи прашања за нашето современо општество. Поигрувањето со драмската форма, драмската структура и специфичниот наратив, каректеристични за авторката Алис Бирч, ќе се применува и во адаптацијата на драмскиот материјал, велат од МНТ.