Skip to main content

Режисерот Мирко Радоњиќ ја поставува „Теорема“- инспирирана од истоимениот роман на Пјер Паоло Пазолини во МКЦ

Режисерот од Црна Гора, Мирко Радоњиќ, во Младинскиот културен центар во Скопје ја работи театарската претстава „Теорема“, инспирирана од истоимениот роман на Пјер Паоло Пазолини. Претставата е во продукција на независниот театар „Златен Елец“ и претставува значаен културен настан, бидејќи за првпат воопшто дело на Пазолини се поставува на македонска театарска сцена.

Мирко Радоњиќ е истакнат театарски режисер и ликовен уметник, со богато искуство како режисер, асистент-режисер, сценограф и дизајнер на светло во реномирани институции како Кралскиот театар „Зетски дом“, Црногорскиот народен театар, Сараевскиот театар „Сартр“, како и во театри во Суботица и други градови во регионот. Неговите претстави, меѓу кои „Ана Каренина“, „Вујко Вања“, „Соби“ и „Син“, се добитници на бројни награди на значајни театарски фестивали. Радоњиќ активно се занимава и со педагошка работа во рамките на драмското студио „Празен простор“, а неодамна во Црна Гора ја реализираше и премиерата на „Волшебниот рид“ од Томас Ман.

„Теорема“ е едно од најпровокативните и најслоевити дела на Пјер Паоло Пазолини. Во 1968 година, авторот паралелно го создава романот и филмот со исто име, градејќи наратив заснован врз мистеријата и алегоријата. Приказната го следи доаѓањето на еден енигматичен странец во домот на типично буржоаско италијанско семејство. Неговото присуство длабоко ги потресува животите на сите членови на семејството: слугинката, синот, мајката, ќерката и таткото – кои, заведени и разбудени од средбата со него, по неговото ненадејно заминување остануваат сами да се соочат со сопствената празнина, криза или можност за духовно преображение.

Според самиот Пазолини, „Теорема“ е парабола, додека во теориските толкувања таа често се чита како обид на авторот да ги соочи и помири сопствените христијански, марксистички и фројдовски размислувања. Токму оваа комплексност го прави делото исклучително актуелно и денес, отворајќи прашања за идентитетот, духовноста, телото, моќта и празнината во современото општество.

Во претставата настапуваат актерите Стефан Вујисиќ, Златко Митрески, Бобан Алексоски, Ана Јовановска, Леонида Гулевска и Бранко Михајлоски. Драматург на проектот е Ева Камчевска, преводот на романот го изработи Наташа Сарџоска, костимографијата е на Лина Лековиќ, додека сценографијата ја потпишува самиот режисер, Мирко Радоњиќ. Продуцент и координатор на проектот е актерот Бобан Алексоски.

Проектот е финансиски поддржан од Министерството за култура и туризам, Heartefact – „Култура за развој“ како проект на Швајцарската амбасада и поддршка Италијанската амбасада во Скопје.

Од театарот „Златен Елец“ истакнуваат дека поставувањето на „Теорема“ претставува обид да се отвори дијалог со делото на Пазолини, кој важи за еден од највлијателните интелектуалци во повоена Италија. Иако надвор од Италија често е препознаван првенствено како филмски автор, Пазолини бил и еден од најзначајните поети на својата генерација, како и романсиер, драматург, литературен критичар, политички колумнист и сликар.

Претходната премиера на независниот театар „Златен Елец“ оваа година беше претставата „Сина сенка“ од Брајан Рејнолдс, во режија на Тамара Стојаноска.

Поврзани вести