Skip to main content

Ретроспективна изложба на илустрации на Орде Манески на Фестивалот „Литера“

Фестивал „Литсра“ / Орде Манески

Во рамки на претстојното издание на Меѓународниот фестивал за литература и илустрација за деца „Литера“ ќе биде поставена ретроспективна изложба на илустрации на еден од доајените на македонската уметност, Орде Манески.

Посетителите ќе имаат можност да се запознаат со богатото творештво на Манески и да ги погледнат препознатливите илустрации од голем број учебници, сликовници и книги за деца. Изложбата ќе биде поставена од 23ти до 30ти април, во галерискиот простор на Сули ан, каде што годинава ќе се одржи фестивалот Литера.

Оваа година со посебна чест ја отвораме изложбата на Орде Манески, автор чиј визуелен јазик остави траен белег врз генерации деца. Преку фестивалот Литера ја истакнуваме вредноста на илустрацијата како составен дел од квалитетната литература за деца бидејќи таа несомнено е патоказ кон имагинацијата, љубопитноста и креативниот израз од најрана возраст“, вели Софија Семенпеева, од агенцијата „Ефектива“, која е организатор на фестивалот.

фото: „Литера“

Во рамки на фестивалската програма ќе се одржат и креативни работилници за деца од различна возраст, на кои најмладите учесници ќе имаат можност да се инспирираат токму од делата на Манески, но и да истражуваат и да создадат сопствени приказни преку цртеж и збор.

Орде Манески е роден во Прилеп. Средното училиште за применета уметност го завршил во Скопје, а студирал во Љубљана, каде дипломирал во класата на професорот Божидар Јакац. Веднаш по студиите започнал да работи како графички дизајнер, а од 1968 година работел како професор по графички дизајн во Средното училиште за применета уметност во Скопје. Неговите дела се изложувани на бројни групни изложби, како во земјата, така и на меѓународната сцена. Со делата на Манески сме запознаени уште од училишните клупи, преку неговите илустрации за Запознавање на природата и општеството, Поуки за јазикот, Историја, Историска читанка, учебник по англиски јазик и учебници за основно образование на албански и турски јазик.

Фестивалот Литера и оваа година продолжува да ја поддржува културата и литературата за деца, со акцент на нивната улога во креативниот и емоционалниот развој на децата и младите. Сите настани во рамки на фестивалот ќе се одвиваат во Сули ан, во Старата скопска чаршија, и ќе бидат отворени за сите заинтересирани посетители.

Поврзани вести