Skip to main content

Разговор со Ана Голејшка Џикова во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“

В среда (4 декември) во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје ќе се одржи разговор со поетесата Ана Голејшка Џикова, чија стихозбирка „Слобода А“ е книга за месец декември. Настанот ќе биде во спомен-собата „Т’га за југ“ со почеток во 19 часот.

Разговорот со Ана Голејшка Џикова ќе го води книжевната критичарка Александра Јуруковска, а стихови ќе чита актерот Андреј Серафимовски.

Разговорот со авторот, книгата на месецот и клубот на читатели се трите стандардни сегменти на големата кампања „Читаме современи македонски автори“, за која ГБСК го доби признанието Промотор на читачката култура според Македонската асоцијација на издавачи (МАИ).

„Слобода А“ е збир од сите премолчени вресоци, сите трансформации на моето тело и ум, промислувања на младоста, лудоста, вербата и (не)довербата кон сѐ што ми се чинеше можно низ создадените песни. Иако е пишувана во различни временски зони, ефектот на корона периодот остави најголема трага. Впрочем, како и кај сите кои творевме за да не побудалиме, вели поетесата.

Ана Голејшка Џикова (Скопје, 1987) дипломирала на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ ‒ Скопје. Таа е (не)случаен поет, љубител на перформансот, на градот и уживањата низ него. Автор е на стихозбирките: „Љубов на улица“(2013, Култура) „ Напишан дом“ (2018, Антолог); и „Слобода А“ (2022, ПНВ Публикации), на сликовниците за деца: „Веселата зграда“ (2019, Арс Ламина) во соработка со илустраторот Драган Китановски ‒ Драш, „Лисичката плетачка“ (2020, Арт и арт студио Батев) и „Лепчето што расте“ (2020, Арт и арт студио Батев), обете во соработка со илустраторката Иванка НиБа. Нејзини песни и куси раскази се објавени во неколку македонски поетски антологии и антологии на куса проза, а редовно објавува и во периодиката. Стиховите ѝ се препеани на српски, турски, германски и на англиски јазик. Учествувала на бројни поетски читања во земјата и во странство. Со поетот Ѓоко Здравески ги основаа и ги водеа книжевните читања „Астални проекции“ во Скопје и коавтори се на монографијата „Астални проекции“ (2018, Бегемот). Била член на организацискиот одбор на „Скопски поетски фестивал“. Покрај пишувањето, од 2020 работи и како менторка на детски работилници, книжевни клубови и проекти за јавно говорење. Рецензентка и соработничка со издавачката куќа „Чудна шума“, а уредничка во издавачката куќа „Едиција Светулка“. Од 2015 е член на вокалноинструменталниот состав „Тркалезна маса“ од Скопје. Работи како професорка по македонски јазик и книжевност во Американското средно училиште во Скопје.

Поврзани вести