
Друштвото на филмските работници на Македонија (ДФРМ) годинава востанови ново фестивалско признание, награда Златен медал „Браќа Манаки“, а прв со новото одличје на ИФФК „Браќа Манаки“ се закити, филмскиот критичар Благоја Куновски Доре.
Одлуката на ДФРМ токму Благоја Куновски Доре да го добие златниот медал за особен и долгогодишен придонес кон ИФФК „Браќа Манаки“ се темели на факти, а факт е дека Куновски Доре 46 години не пропуштил ниту едно издание на фестивалот, вршејќи разни фестивалски функции.

Со Благоја Куновски Доре се боревме да го промовираме македонскиот филм и да го донесеме најдоброто од светот кај нас. Неуморно твореше, работеше и инсистираше за подобрувања на овој фестивал. Куновски е најголемиот филмски критичар во Македонија на сите времиња, најголем презентер на македонскиот филм надвор од границите на Македонија и најголемиот соработник на Друштвото на филмски работници и фестивалот „Браќа Манаки“, истакна секретарот на ДФРМ, Томи Салковски за време на врачувањето на наградата, златен медал „Браќа Манаки“.
Пред аудиториумот во Битола, лауреатот Куновски Доре, посочи дека е трогнат од доделеното признание и е дел од една кариера исполнета со многу возбудувања.
Благодарам на Друштвото на филмски работници за ова внимание. Особено ме исполнува тоа да сум дел од таа организација на филмаџиите и што сум дел од овој наш фестивал кој е еден од ретките, можеби единствен амбасадор на македонската култура. Филмовите и нивните автори сум ги доживувал како мисионери во поставувањето на еден подобар, поубав, похуман и подостоинствен свет во кој живееме, истакна Куновски синоќа во Битола.
Друштвото на филмските работници на Македонија годинава одбележува 75 години од основањето.