Skip to main content

Промоција на „Жени во македонската книжевност од XIX век“ во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“

В четврток (5 декември) во 12 часот во спомен-собата „Т’га за југ“ во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ ќе биде промовирана најновата студија од проф. д-р Славчо Ковилоски „Жени во македонската книжевност од XIX век“. Промотор на книгата ќе биде Елизабета Баковска, а фрагменти ќе чита актерот Андреј Серафимовски.
Книгата „Жени во македонската книжевност од XIX век“на Ковилоски за првпат во македонската книжевна наука, на едно место нуди биографии на досега непознатите или малку познати македонски жени со кои започнал развојот на македонското женско книжевно творештво.
Во делото се дадени биографиите и се анализирани делата на Славка Динкова, Митра Миладинова, Царевна Миладинова-Алексиева, Евтимица Јанчева, Анастасија Милошова, Евгенија Јанчулева, Јанка Каневчева, Марија Зрнева, Султана Чикмакова и Олга Маџарова. Исто така, накратко е даден осврт и кон записите, говорите и пеењата на монахињата Параскева, ученичката Параскева Димкова и Дафа Цепенкова, сестра на Марко Цепенков. Како посебни прилози на крајот од книгата, за првпат се изнесени делови од нивните творештва, со цел од прва рака читателите да се запознаат со нивните идеи и стил на пишување. Сите понудени дела се преведени или адаптирани според правилата на стандардниот македонски јазик. На крајот на книгата се дадени прилози во вид на фотографии на авторките и факсимили од нивните објави и ракописи. На таков начин, се надминува сликата за немоста на македонските жени и ним им се овозможува како авторки да го заземат своето место во македонските книжевни канони.
„Жени во македонската книжевност од XIX век“ е во издание на Институтот за македонска литература.
Проф. д-р Славчо Ковилоски работи како научен истражувач во Институтот за македонска литература, автор е на повеќе монографии за македонската културна историја од XIX век и е добитник е на државната награда за наука „Гоце Делчев“.

Поврзани вести