
Вечерва, на 18 февруари (вторник) во 19 часот, во „Литература.мк“ во „Сити мол“, ќе се одржи промоција на книгата „Девојчето и куклата што патува“ од Александар Русјаков, издадена од „Арс Ламина“. Промотор на книгата ќе биде Бисера Бендевска.
Сликовницата е посветена на најпознатата анегдота поврзана со Кафка и девојчето кое тагува по изгубената кукла. Иако вистинитоста на оваа случка никогаш не е потврдена, а околностите се предмет на различни толкувања, таа стана нераскинлив дел од биографијата на Кафка.
Ова е првото претставување на Александар Русјаков во светот на детската литература на македонски јазик. Иако се држи до основните контури на оригиналната приказна, неговиот автентичен писателски стил, полн со лиричност и нежност, создава уникатно дело, кое веруваме ќе стане ново омилено семејно четиво.