
Романот „Во длабочината на моите рани“ од младата авторка Благица Каревска вечер ќе биде промовиран во „Матица ексклузив“. Каревска со овој роман дебитира на македонската книжевна сцена.
Делото го објави книгоиздавателството „Панили“, како спој на елементи на психолошки роман, фантастика, љубовна приказна, семејна драма и трилер.
„Во длабочината на моите рани“ е роман во којшто нема класични протагонисти и антагонисти затоа што секој од ликовите го носи својот товар што го поттикнува да ги доживее и најголемите падови и најголемите предизвици и издигнувања во животот. Преку приказната за девојка што се судира и со најблиските, и со општеството, и најмногу со самата себеси, со сопственото потекло и со сопствените слабости, Каревска отвора лепеза на уште многу не само на потресни и трагични, туку и на вистинити животни приказни, за коишто сме свесни, но ги избегнуваме во секојдневјето. Притоа, си поигрува со местото и времето на случување на дејството – иако некогаш во овој простор во кој живееме сите, а некогаш во просторот во кој патуваат нашите души, всушност, вистинскиот хронотоп на ова дело е онаму каде што упатува и насловот – во длабочината на раните, во длабочината на душата…, информира издавачот.