
Здружението фолклорна група „Копачка“ село Драмче, Делчево, во соработка со Балканскиот институт за вера и култура, и со галеријата „Метаноја“ организира промоцијата на книгата „Ехото на дамарите на пијанчани – Копачката“ од Перса Стојановска што ќе се одржи во петок, на 6 март 2026, во 19 часот во Галерија „Метаноја“ во Скопје.
Орото „Копачка“ е единственото оро од Македонија, впишано во УНЕСКО – Репрезентативна листа за нематеријални културни наследства на човештвото, на 27.11.2014 година во Париз. Фолклорната група „Копачка“ од село Драмче, Делчево е единствениот носител – практичар на ова наше национално и светско културно наследство на УНЕСКО.
Монографијата е дело на Перса Стојановска и таа го отсликува, процесот на впишувањето во УНЕСКО. Неговата одржливост преку најразличните проекти во текот на првите десет години од впишувањето, постигнатите резултати, но и ги потенцира предизвиците и потребите, за решавање на приоритетни прашања. Финансиската поддршка е на Министерството за култура и туризам.
Промотор на монографијата ќе биде проф. д-р Велика Стојкова-Серафимовска, етномузиколог, а на присутните ќе им обратат проф. д-р Мирјана Мирчевска, директорката на „Метаноја“ м-р Нада Милкова и д-р Коста Милков, претседател на Балканскиот институт за вера и култура.
Професор д-р Велика Стојкова-Серафимовска, која е воедно и стручен соработник на делото, забележува: Монографијата „ЕХОТО НА ДАМАРИТЕ НА ПИЈАНЧАНИ- КОПАЧКАТА- 10 години од впишувањето на Копачката во УНЕСКО“ не е само монографија на активностите на групата „Копачка“ во изминативе десет години. Оваа книга е продолжување на една вековна приказна, на една силна традиција вкоренета во душата на Пијанчани која се пренесува преку ритамот на тапаните и чекорите на Копачката кои живеат длабоко во сите нас. Авторката, Перса Стојановска, не е само раскажувач и уредник, таа е пример за чувар на традицијата, достоен наследник на дедо Митко-Соколот, Учителот Узунски, на нејзиниот татко, ороводецот Дафчо, на сите оние кои со векови и генерации ја играле Копачката како неизоставен дел од животот на Драмчани и Пијанчани, како дел од македонскиот културен код. Наше, а светско, орото Копачка не е само оро, тоа е аманет и тенка нитка која не поврзува со нашите предци. Да го негуваш и чуваш тој аманет бара одговорност и почит, но, пред сѐ, љубов која таа нитка ја негува и чувствува токму во ехото на дамарите.
На Промоцијата играорците од Драмче ќе ги претстават и женската и машката изведба на „Копачката, а автентичниот израз отсликан преку носиите на уметниците, ќе биде надополнет со пијанечки афтохтони етно елементи на живеењето во овој крај, подредени во изложениот простор на Галеријата Метаноја. Посетителите ќе имаат можност да ги погледнат изложените черѓи, фути, скутачи, рачници, пешќири, фурки, софра, троножни столчиња, бакарни и глинени садови, бутими, српови, пченични класје, тапан, ќемане, тамбура, гајда, банер, награди и признанијата на Групата. Изложбата ќе може да се проследи и во наредната седмица.

Македонски

