Skip to main content

Промоција на книгата „Св. Климент Охридски во современата македонска творечка инспирација“ од Зоран Пејковски во Битола

Во среда, на 25 март, во рамките на одбележувањето на роденденот на НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола, ќе биде промовирана најновата научна книга на Зоран Пејковски од областа на медијавистиката, насловена: „Св. Климент Охридски во современата македонска творечка инспирација“.

Станува збор за труд кој произлезе од подолг истражувачки процес и научен ангажман, насочен кон продлабочено согледување на ликот, делото и духовното наследство на Св. Климент Охридски, но и неговата рефлексија во современата македонска културна и творечка стварност. Книгата има за цел да ги осветли начините на кои овој голем македонски просветител продолжува да инспирира и да живее во современата книжевност, уметност и културна мисла. Објавувањето на делото е поврзано и со два значајни јубилеи: 1.140 години од формирањето на Светиклиментовиот универзитет во Охрид и 1.110 години од упокојувањето на Св. Климент Охридски – еден од темелните столбови на словенската писменост, духовност и образование, чиј придонес има трајна вредност не само за македонската, туку и за пошироката словенска културна традиција. За книгата ќе говори рецензентот, проф. д-р Маја Јакимовска-Тошиќ, која во својата оценка истакнува дека трудот нуди нови и оригинални согледувања за духовниот и книжевниот профил на Св. Климент, при што особено се нагласува неговото континуирано и динамично присуство во современата македонска култура. Според неа, книгата претставува значаен придонес во современите медијавистички истражувања и отвора простор за понатамошни научни интерпретации.

Поврзани вести