Skip to main content

Промоција на книгата „Едно лето на Никола“ од Марјан Патлиџанковски во Македонскиот културен центар во Софија

На 23 декември (понеделник), со почеток од 18:00 часот, во Македонскиот културно-информативен центар во Софија ќе се одржи промоцијата на македонското издание на романот „Едно лето на Никола“ од македонскиот писател Марјан Патлиџанковски.

Марјан Патлиџанковски ѝ е познат на читачката публика особено на книжевната критика со неговите две претходни дела од областа на македонската книжевна историографија. Како дипломиран  филолог и професор по македонска книжевност, Патлиџанковски oвој пат се обидува да заплива во сосема поинакви води: книга за деца, односно роман, или, уште поточно роман за деца со илустрации. Всушност ни се претставува со книга со сите нишани да биде хит не само меѓу помладите читатели туку кај читачката публика воопшто. Вешто ги води дејствата, не оптоварува со непотребни описи и податоци, ги дава толку колку што се потребни да го заскокоткаат читателот и тој да се втурне во некое проучување или, во најдобар случај, во некоја авантура со некое животно или птица.

Романот е составен од дваесет поглавја, што се истовремено и самостојни раскази. Во прилог на тоа оди и што секој расказ има свој наслов. Но покрај овој личен избор на читателот, авторот ги „разубавува“ своите раскази со илустрации, и тоа во боја, работени во повеќе техники чијшто потписник е младата академска уметница Марта Патлиџанковска. Исто така, нарацијата мошне умешно ја води јас-раскажувачот, односно тинејџерот Никола. Тој е ликот-стожер што ги плете приказните, заедно со своите другарчиња, чиишто имиња се сретнуваат речиси во сите раскази.

Ова не се обични приказни. Ова се приказни исполнети со љубов кон немоќното животинче во суровиот град, приказни за љубов кон природата, затоа што сите дејства се случуваат или во природа или во околина соодветна на животното, независно дали е диво или домашен миленик. Кога сме кај дивите животни, тие навистина и живеат само во дивината, така што Патлиџанковски во тоа едно лето го води читателот, за којшто очекуваме дека ќе биде дете, низ националните паркови на Македонија, по полињата, реките и езерата, каде што има ретки животни и птици, некои во исчезнување.

Очигледен е едукативно-педагошкиот момент во книгата. Затоа што со секоја приказна за секое животно читателот дознава сè за неговото потекло, за неговите карактеристики, за неговата природа. А јунаците во „Едно лето на Никола“, тоа лето го поминуваат со своите родители и заеднички токму во природа и со грижа и љубов за нејзините жители: животните и птиците.

Што се однесува до јазикот, како да е изворен на дете до тринаесетина години, нешто што го можат само оние што се вешти на перо, и во овој случај, и самите љубители на животинскиот свет.

Имајќи го предвид сето ова, особено дека пред нас е книга што не е „затрупана“ со ајфони, социјални мрежи, гаџети и слични нешта, „Едно лето на Никола“ од Марјан Патлиџанковски е добар начин да ѝ го вратиме нејзиниот читател – детето.

Д-р Марјан Патлиџанковски е роден на 22 мај 1973 година во Скопје. Дипломирал, магистрирал и докторирал на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, на групата за Македонска и јужнословенска книжевност.

Во „Современост“, во броевите 5 од 2004, 2 од 2005 и 4 од 2005 година ги објавил текстовите: „Митолошко-фантастични елементи во ’Тврдоглави‘ и ’Миракули на грозомората‘ од Славко Јаневски“; „Фолклорни демонски суштества“; и „Херменевтичка анализа на песната „Чедоморка“ од Славко Јаневски“. Во 2019 година го издал својот прв научен труд „Иницијацијата (пубертетска и херојска) во македонската народна епска поезија“, а во 2020 година го објавил и вториот научен труд „Средновековното македонско скрипторско наследство“. Во 2023 година ја добил втората награда за краток расказ на конкурсот „Раскажувам фотографија“ што го објавува Фондот на холокаустот на Евреите во Македонија.

Во 2023 година доделена му е Благодарница за успешна соработка од НУ „Спомен куќа на Мајка Тереза“ и истата година објавен му е краткиот расказ „Аурата на Саанви“ на македонски и во превод на албански јазик, во Збирката раскази од литературниот конкурс.

Во 2024 година ја добива меѓународната награда за критика и книжевна историја „Книжевен круг“ доделена на XIII меѓународна манифестација „Битолски книжевни паметења“ 2024.

Поврзани вести