
Култниот роман “Уна” од 1981 година на Момо Капор, синоќа вo Белград, доби сосем ново, модерно театарско руво, благодарејќи на исклучително добро уиграната екипа, Дејан Пројковски како режисер на претставата, Никола Ристановски во главната машка улога, како проф. Мишел Бабиќ, Валентин Светозарев како сценограф и Горан Трајковски како автор на музички теми.
Вечната тема за борбата на поединецот со системот, вечната тема за недозволената љубов, дозволеното во политиката и ограничувањата на слободите, благодарејќи на драмскиот текст на Стеван Копривица, го продолжува умешно животот на “Уна” и во третата деценија од 21 век, повторно актуелизирајќи ги вечните теми и во современиов општествен и политички контекст во кој живееме.

Покрај брилијантнот Никола Ристановски, одлични улоги одиграа и Магдалена Мијатовиќ како студентката Уна, Сена Ѓоровиќ и Марко Гверо.

Претставата предизвика голем интерес кај белградската театарска публика, но и кај бројни гости и пошироко од регионот, а специјално за премиерата дојде и министерот за култура и туризам, Зоран Љутков.
Белградската публика со громогласен аплауз и стоечки овации ги награди актерите, а министерот Љутков истакна дека претставата „Уна“ е уште една потврда за високото ниво на соработка во културната размена меѓу Македонија и Србија, како и за креативната моќ на македонските уметници на меѓународната сцена.

Репризни изведби на „Уна“ се закажани за 13 и 26 октомври во театарот „Звездара“.